По трите концерти на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф (30 август-2 септември), каде под диригентската палка на британскиот маестро Алпеш Чауан учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески се враќа дома за уште еден настап со интернационалниот музички проект „Македонисимо“, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
По струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и село Секирник, Општина Босилово, Струмица, Трпчески и Пријателите и пред публиката во Делчево ќе го изведат албумот „Македонисимо“, којшто во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.
Уникатниот тим на квинтетот „Македонисимо“ и на овој концерт, што ќе се одржи на летната сцена во Градскиот парк во Делчево на 6 септември, со почеток во 20 часот, го сочинуваат Александар Краповски на виолина; Александар Сомов на виолончело; кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев, кој е роден токму во Делчево.
Концертот, во организација на Општина Делчево во соработка со „КултурОп“, се одржува во чест на 80-годишнината од ослободувањето на градот и, како и сите досегашни изведби на отворено, публиката ќе може да го проследи бесплатно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.