„Бановиќ Страхиња“ е едно национално дело кое е од витално значење за српската култура, вели во интервју за „Република“ Игор Киров, македонскиот кореограф кој утре, на 13 јуни има премиера на балетот „Бановиќ Страхиња“ со кој свечено ќе биде одбележано завршувањето на прославата на стогодишнината на Балетот во Србија.
„Бановиќ Страхиња“ е една од најубавите српски епски народни песни и говори за легендата за една неверна жена и за еден благороден маж кој и го простува неверството. Што е вистински херој, а што е вистинска љубов, за кои вредности вреди да се живее и да се умре, се дел од прашањата кои ги отвора балетот „Бановиќ Страхиња“.
Киров (48) по завршувањето на балетската школа во Скопје, студирал на Холандската академија во Ротердам, играл во значајни европски танцови компании и театарски куќи и соработувал со врвни кореографи. Со својата трупа „The Kirov dance company”, основана пред повеќе од деценија и пол, постигнува значајни успеси и работи од Италија до Куба, преку Кореја и Германија. Беше и уметнички директор на Хрватско народно казалиште во Сплит, каде што го постави балетот „Дервишот и смртта“.
Музиката во балетот е на композиторот Иван Илиќ, драматург е Ѓорѓе Косиќ, а насловната улога ја игра Лев Семенов.
На 13 јуни на големата сцена на Народно позориште во Белград, Србија, е закажана премиерата на балетската претстава „Бановиќ Страхиња“. Игра комплетниот ансамбл на Балетот, а Вие сте кореограф на претставата. Како дојде до соработката со Београдско народно позориште?
Киров: Минатата година бев поканет од страна на уметничката директорка Ана Павловиќ да бидам дел од почетокот на прославата 100 години од белградскиот балет, па така, заедно со мојата колешка од Хрватска Маша Колар и српскиот кореограф Милош Исаиловиќ, обработивме стари југословенски балети, но овој пат во едно модерно руво, односно како ние, од денешен аспект гледаме на она што било порано. После мојата минатогодишна успешна премиера, на моја голема среќа бев поканет и годинава да направам уште една претстава, но овој пат многу поголема. За мене тоа беше голем предизвик. „Бановиќ Страхиња“ е едно национално дело кое е од витално значење за српската култура.
Медиумите од Србија го најавуваат балетот како поезија во танцувачка форма?
Киров: За време на подготовките за овој балет, пред сè, ми беше возбудливо да барам начин да ја преведам оваа песна, чија голема сила лежи во убавината на јазикот и стихот, во форма целосно лишена од текст – во движење. Предизвикот за преведување на поезијата во танцова форма овозможи зборовите и ритамот да се трансформираат во телесен израз, откривајќи нови димензии на емоции и значење изразени во песната. Процесот беше возбудлив, но и напорен. Потребно беше да се покаже целиот спектар на емоции – незадоволство, тага, љубомора, гнев, но и сила, истрајност и на крајот, простување, што всушност е одраз на најголема сила, а не на слабост. Ова бара нијанси и внимателно следење на развојот на карактерот во текот на изведбата.
Кореографскиот израз е пред сè современ – тоа е модерна техника на движечко изразување заснована на класична естетика. Има интензивна презентација на набојот на емоции и енергија, се разбира, во согласност со она што го бара драматургијата на приказната. Мислам дека скапоценоста на овој стил е што му дава можност на ансамблот да блесне во ново светло и да покаже поинаков квалитет на уметнички израз. Музиката на Иван Илиќ беше наш незаменлив партнер во овој процес. Внимателно изградив кореографија која не само што го следи дејството, туку и го продлабочува емотивното доживување на музиката, следејќи ја секоја нота, во симбиоза на звук и движење. И конечно, иако приказната за балетот е историско-митолошка, мислам дека универзалноста на темите и овозможува на публиката, сепак, да се поврзе со ликовите, без разлика на историската ера. Прашањето што е вистински херој, а што е вистинска љубов, за кои вредности вреди да се живее и да се умре, сè уште останува отворено.
„Бановиќ Страхиња“ се поставува во Београдско народно позориште по пауза од 43 години. Дали тоа беше голем предизвик за Вас?
Киров: Бановиќ Страхиња“ е една од најзначајните епски песни на српската народна литература, чија слоевитост и оригиналност некогаш привлекувале и мислители како Гете. Поради приказот на машкиот јунак, нетипичен за тоа време, кој е пред своето време, како и силен емотивен набој што го носи песната, за мене беше инспирација, но и предизвик за интерпретација преку јазикот на танцот.
„Бановиќ Страхиња“ е една од најубавите српски епски народни песни и говори за легендата за една неверна жена и за еден благороден маж кој и го простува неверството. Каква верзија ќе видат гледачите?
Киров: Инспирација за самото движење добивам кога самиот процес на создавање започнува во студио. Подготовките почнаа неколку месеци пред тоа, каде со целиот уметнички тим ги дефиниравме музички корекции, потоа ја подготвувавме сценографијата, ги правевме костимите, правевме детална анализа на епските песни и работевме на драматургијата. Драматургијата се занимаваше со симболи, метафори и самиот пристап кон поединечни сцени на танцот. Процесот на работа во салите трае околу 7-8 недели.
Каков е Вашиот Бановиќ Страхиња? Што беше најголем предизвик додека ја работевте кореографијата? Што сакавте најмногу да се истакне во неговиот лик?
Киров: Беше возбудливо да се најде начин да се преведе оваа песна, чија голема сила лежи во убавината на јазикот и стихот во форма целосно лишена од текст – во движење. Предизвикот за преведување на поезијата во танцова форма овозможи зборовите и ритамот да се трансформираат во израз на телото, откривајќи нови димензии на емоции и значења изразени во песната.
Поемата нуди простор за интерпретација на психологијата на ликовите на повеќе различни начини и токму тоа го прави толку интересно. Заминувањето на Ангелина со Влах-Алија може да се оправда преку потребата за самоодржување, затоа што таа знае дека, што и да одбере, да тргне со сила и по свој избор, за неа нема повеќе живот, бидејќи Србите остро ќе ја осудат, како што тоа го прави нејзиното семејство на крајот од песната. Затоа и чинот на простување на Страхиња на крајот од песната е толку необичен и возбудлив. Од друга страна, заминувањето на Ангелина може да се смета и како жртва, за да го смири Алија која сака да целосно да го уништи дворот. А можеби тој го освоил срцето на Ангелина? Или пак сите овие причини одеднаш? Во нашата интерпретација на песната се обидовме да ги вклучиме сите овие слоевите за да дојдеме до цел, комплексен карактер.
Покажувањето на емоциите на мажот кој изневерува преку движење е дефинитивно предизвик. Треба да се прикаже целата палета емоции: незадоволство, тага, лутина, но и сила, и на крајот, прошка, што всушност е приказ на сила, а не слабост. Ова бара нијанси и внимателно следење на развојот на ликот во текот на изведбата. Сепак, универзалноста на овие емоции и овозможува на публиката да се поврзе со ликот без разлика на историска епоха.
Со оваа премиера свечено ќе биде одбележано завршувањето на прославата на стогодишнината на Балетот на националниот театар во Србија. Што значи ова за Вас, за Вашето портфолио?
Киров: Пожелно е една национална балетска куќа на својот репертоар да има дела од националниот опус, кои означуваат и раскажуваат важни епохи од нивната историја. Особено земјата каква што е Србија, чија историја е многу богата, разновидна и богами турбулентна, полна со моќни историски настани ликови и теми кои можат да бидат инспирација за различни изрази на уметност. Убаво е кога на тој начин се негува културното наследство.
Кои се Вашите идни ангажмани? Дали ќе работите нешто во блиска иднина во Македонија? Како ќе го поминете летово?
Киров: Па во Македонија, благодарејќи на претходниот состав на министерството за култура и управата на севернонационалната опера и балет, како што самите љубат да се нарекуваат, моите дела беа тргнати од репертоарот, а моето име и презиме беше ставено во фиока со зборовите: Киров е еден обичен ветеринар, зар тој да твори тука? Се почувствував потценет и решив дека нема потреба моите идеи и креации кои за нив не се доволно добри да се најдат на ‘светскиот репертоар’ на СНОБ (Северно национална опера и балет).
Се повлеков од македонската танцова сцена во која што бев вклучен изминатите 25 години. Во Србија може да работам национално дело, но за да направам нешто во татковината, каде што мојата публика ме следи со години и сака да види нешто од мене, не сум доволно добар.
После Белград заминувам во Германија, каде што ќе почне првата фаза од подготовките за мојот нов балет, „Прометеј“ по музика на Бетовен, а во август заминувам за Ерменија, каде што како и минатата година, ќе поставам нова едночинка за која премиерата се планира во почетокот на септември.
Во октомври се враќам во Германија, каде што продолжувам со работата на „Прометеј“, а во ноември сум во Словенија, таму работам претстава во Нова Горица, која е европска престолнина на културата. Така што, само здравје. Секогаш кога работиш со љубов, успесите се вреднуваат насекаде, само не во сопствената земја.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.