Вечерва, во Домот на млади во Штип премиерно ќе биде изведена пиесата „Поштарот“ од Трајче Кацаров.
Во претставата играат Благој Чоревски – Чоре како Поштарот, Марија Кондовска во ликот на Даница и Игор Ѓеорѓиев како Дојденецот.
Приказната е семејна и таа зборува за аленацијата, за брачната отуѓеност. Зборува за тоа колку се познаваме иако со децении делиме иста брачна постела. Виновен за тоа е тајниот живот, живот кој можеби го живееме под диктат на неостварените соништа, вели Кацаров.
Кацаров го цитира филозофот Карл Јесперс кој запишал: „Каде има тајна нешто не е токму“.
-Има ли нешто што не е токму во животот на поштарот? Тоа е прашање за неговата жена и за дојденецот. А по се изгледа дека е и за поштарот, посочува Кацаров.
Актерот Чоревски истакна дека секогаш ги поддржува македонските автори, а процесот за оваа претстава бил убав и за паметење.
Претставата говори за едно патријахално семејство кое живее убаво, се сакаат и мажот и жената имаат два сина, значи имаат прекрасен брак. Тој работи како поштар, жената му била на разбојот на машината во текстилната фабрика и поштарот доаѓа точно на денот кога се пензионира. И доаѓа еден човек кој им растура скоро сѐ, вели Чоревски.
Актерската екипа истакна дека претставата ја подготвувале во Скопје, а премиерно ќе ја играаат токму на сцената на Дом на млади во Штип.
Претставата финансиски е помогната преку Програмата на Министерството за култура. Ќе се игра во 20 часот во Дом на млади-Штип, а влезницата е 100 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.