На 25 март Театарот за деца и младинци во Скопје слави 33 години од формирањето на Националната установа, но сè уште мака мачи со простор и оправдано бара поглема сцена, поголем број седишта, простории.

Пораснавме, а на нашата прескромна сцена сè уште актерите се бркаат и едвај се разминуваат за да не судрат или закачат со костимите. Пораснавме, да, но во нашиот фундус веќе нема место каде да се редат тие костими и реквизити. Пораснавме, навистина, ни се придружија и нови луѓе во нашата голема мисија, но ете нема простории за сите вработени, нема место за сите нас, велат од ТДМ.

Пред точно 33 години започна приказната и денес, нема ни родител ни дете што не сака да ја слуша и гледа. Пред повеќе од три декади група заљубеници во театарот и професионалци поставија темели со кои е незамисливо детството и растењето на секое дете.

Театарот за деца и младинци е како книга во чии страници може да се изгуби секој човек и да ужива во светот на играта, имагинацијата, љубовта и палавата страст. Таа книга е и мајка и татко и другар и учител за најмалите и најмладите. Таа книга е компас за сите млади и радост и смеа за сите родители. Сепак бројот на страници расте ли расте, а кориците и нивниот обем остануваат исти… До кога ли ќе може да ги држи сите во себе…? Зарем не заслужуваат сите тие да најдат свое место каде нема да бидат натуткани една до друга?, прашуваат од ТДМ.

Од Театарот додаваат дека се место без кое е тешко да се замисли најкревкиот и најбитниот дел од младоста.

Ние сме основата, таа – една книга што го негува и може да го промени животот на секој човек од мали нозе. И ете, пак, често не можеме да одговориме на потребите на тие луѓе. Пораснавме, а се уште нашето гледалиште брои 112 седишта и нема доволно карти колку што има желба да се биде на претстава кај нас. Пораснавме ама уште ни е сè  толку мало за нашите идеи и стремежи, се вели во соопштението на ТДМ.

ТДМ неколку години наназад слуша само ветувања дека ќе добие нов простор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.