Гостувања на десет европски автори, четириесеттина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот, ќе донесе фестивалот Букстар (Book Star) што почнува денеска под мотото „Ве молиме, вознемирувајте“ („Please do disturb“).

Фестивалот е ориентиран кон одговорно однесување во рамки на заедницата, во насока на подобрување на општествените состојби и инклузивноста, како и кон екологијата, а ќе го отвори Лидија Димковска со говор на тема „Со или без Please“.

-Слоганот на фестивалот е пресликан во програмските активности, така што донесува автори кои се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на нив да одговорат преку своето гласно книжевно и општествено дејствување. „BookStar 2023“ е повеќе од настан, тоа е инспирација за оние кои веруваат дека текстовите на денешнината поттикнуваат промени, нудејќи погледи на светот каде зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку – повик за будење, се наведува во најавата.

Прва фестивалска програмска активност е доделување на наградите „Драги“ 2023. Доделувањето ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во најтесен круг за наградата се преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. Потоа ќе се потпише меморандум за соработка меѓу издавачката куќа „Антолог“ како организатор на наградата и Филолошкиот факултет како нивен партнер, а доделена ќе биде и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. Најавено е и лично присуство на преведувачката за настанот.

Предвидено е учесниците и гостите да ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска Сојчевска, како и обраќање да има евроамбасадорот Дејвид Гир кој ќе ѝ ја додели наградата „BookStar“ 2023 на Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.

-Во Скопје следните денови ќе биде собран кремот на европската литература: Наџат ел Хачми (Шпанија) – добитничка на наградата „BookStar“, Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство), најавуваат организаторите.

Фестивалот почнува и кампања во соработка со „Пакомак“ за подигнување на свеста за селекција на отпадот, но и активно учество на публиката во процесот на селекција. Освен што за време на фестивалот ќе бидат поставени специјални диспанзери за прифаќање стара хартија и хартиена амбалажа, ќе има и награди за еколошката одговорност на публиката. Со акумулирани најмалку сто поени на апликацијата „Екомак“ за селекција на пластика, еко-модерните читатели добиваат книга подарок за време на Фестивалот.

„BookStar“ e и прв книжевен фестивал кој ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ. За таа цел доволно е читателите да го побараат знакчето на „Talking hands“ / „Раце што зборуваат“ во програмата и ќе увидат кои настани се од инклузивен карактер.

На Фестивалот ќе се одржи прв панел меѓу четворица автори и нивните преведувачи, во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“. Авторите и преведувачите (од кои некои и самите се автори) ќе се обидат да одговорат на прашања поврзани со уметноста и занаетот на преведувањето, но ќе проговорат и на темите поврзани со нужноста делата пишувани на помалку употребуваните јазици да бидат преведени на поголемите европски јазици, прашањето на праведната дистрибуција на книжевни дела од помалите книжевни средини, како и улогата на преводот во зголемувањето на моќта на различноста во европскиот книжевен пејзаж. За таа цел освен писателите од европските држави (Луцие Фаулерова, Франсис Кирпс, Ања Мугерли), во Скопје за Фестивалот ќе пристигнат и Ксенија Чочкова (преведувачка од германски која живее во Баден-Баден, Германија), Давор Стојановски (преведувач од словенечки кој живее во областа Кернтен/Корошка во Австрија), Маријанџела Бјанкофиоре (преведувачка од македонски на италијански, која живее во Бари, Италија), а ќе им се придружат и Маргарета Карајанова и Жарко Кујунџиски.

На Фестивалот ќе се работи и на стратегија за пробив на македонската и регионалната литература на големите книжевни пазари во Европа, а за таа цел во Скопје се состанува работна група од следните личности: Пламен Тотев (Бугарија), сопственик на издавачката куќа „Персеј“ од Софија, која од 2004 година до денес израснува во еден од најактивните издавачи во Бугарија кој, меѓу другото, досега има објавено 55 книги од 34 македонски автори, а бил организатор и на голем број настани со македонски писатели, Ламија Милишиќ (Босна и Херцеговина), секретар на босанскиот ПЕН Центар и извршен директор на Меѓународниот фестивал за литература „Букстан“ (Bookstan), Драго Гламузина (Хрватска), главен уредник во една од најголемите издавачки куќи во хрватска „ВБЗ“ и програмски директор на литературниот фестивал „Врисок“ од Риека, Александар Шурбатовиќ (Србија), долгогодишен главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Дерета“ и сопственик на издавачката куќа „Блум“, Ена Хасечиќ (Босна и Херцеговина), уредничка и ПР во најагилната издавачка куќа од БиХ „Бајбук“ (“Buybook”) и проектен лидер на неколку проекти со поддршка на Креативна Европа (2021-2023) и Жарко Кујунџиски (Македонија), сопственик на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје и основач на Фестивалот „BookStar“.

Во периодот од 2-ри до 4 октомври секој ќе има можност да ги запознае авторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.