И оваа година Млад отворен театар (МОТ) ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започна минатата година, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната, пред сè независна сцена. На отворениот повик на кој се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, на овогодинешното издание на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави.

За вечерашниот репертоар на МОТ се две претстави „Вилицата на Ибен Бајерс“ по текст на Филип Грујиќ, во режија на Борис Василески (20 часот на малата сцена на Македонската опера и балет во Скопје) и „Немиот келнер“ (22,30 МКЦ – Фросина) од  Харолд Пинтер, а во режија; на Александар Ивановски.

„Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Општествениот коментар на делото се зајакнува уште повеќе со појавата на Radium Girls кои паралелно со приказната на Ибен, ја раскажуваат и својата приказна обоена во црно од зелениот еликсир.

„Вилицата на Ибен Бајерс“ е застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија кои даваат одговор на многу навидум едноставни но сепак комплексни човекови дилеми.

Во претставата играат: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ/Ања Митиќ, Ана Грамосли/Нина Елзесер и Јанка Лефкова. Продуцент на претставата е Андреа Маркоска, драматург Стефан Миленков, костимографијата е на Марта Дојчиновска, сценографијата е на Ненад Тонкин и музиката е на Сашко Костов.

„Немиот келнер“ е политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени.

Бен и Гас се наоѓаат во подрумска просторија и се во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача. Но, настаните го менуваат својот вообичаен тек. Играат Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.