Од денеска до 30 април ќе се одржува четириесет и петотто издание на фестивалот „Денови на македонска музика, кој се одржува под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски.

„Денови на македонска музика“ свечено ќе бидат отворени со Гала концерт на солистите, хорот и оркестарот на Националната опера и балет. На програмата на концертот се дела инспирирани од богатата македонска фолклорна ризница, исткаени во уметнички бисери преку творечките пера на композиторите Тодор Скаловски, Стојче Тошевски, Љупчо Константинов, Тодор Трајчевски и Драган Даутовски. Под диригентската палка на маестро Вања Николовски – Ѓумар, како солисти ќе настапат сопранот Ана Ројдева, тенорот Јане Дунимаглоски, виртуозот на македонските народни инструменти Драган Даутовски на гајда и Ратко Даутовски на тапани.

Четириесет и петотто издание на „Деновите на македонска музика“ опфаќа 16 концерти и пет дополнителни настани, музички средби и трибина.

„Деновите на македонска музика“ е фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња.

„Деновите“ традиционално се поддржани и од Министерството за култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.