Еден од најголемите композитори на денешницата, Јапонецот Рјуичи Сакамото почина на 71-годишна возраст. Неговиот менаџмент соопшти дека тој починал во вторникот, по долга и тешка борба со ракот, објави „Гардијан“.

Како член на „Јелоу меџик оркестра“, заедно со Харуоми Хосоно и Јукихиро Такахаши, Сакамото создаваше прогресивена електронска поп-музика кон крајот на седумдесеттите и раните осумдесетти години на минатиот век. За својата работа во оваа група, но и за своите солистички проекти, тој е добитник на бројни престижни награди, меѓу кои и Оскар, Греми и БАФТА.

Тој глумеше заедно со Дејвид Боуви во филмот „Merry Christmas, Mr. Lawrence“ (1983) и ја искомпонира култната насловна филмска нумера.

На Сакамото двапати му беше дијагностициран рак. Во 2014 година, тој направи пауза од компонирањето додека закрепнуваше од ракот на грлото, опишувајќи ја болеста како „најсуров и најболен период во мојот живот“.

Сакамото е роден во Токио, Јапонија, во 1952 година. Тој почнал да зема часови по пијано на шестгодишна возраст, а подоцна се запишал на студии во Универзитетот за уметности во Токио за да студира музика.

За време на својата соло кариера, тој соработуваше со голем број музички имиња – Иги Поп, Роберт Вајат, Лори Андерсон, Дејвид Силвијан и многу други значајни имиња во музичката индустрија.

Неговиот последен, дванаесетти албум именуван „12“ го подготвуваше изминатата година додека се бореше со ракот, а го издаде на 17 јануари годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.