Крсте Мартиноски, нашиот Крки, уникатна Мешеишко-охридска легенда, замина во вечноста и бесконечноста, но само привидно физички, не духовно, оти во спомените наши ќе остане до крајот на векот и светот, соопштја од Завод и музеј Охрид.

Мартиноски е графичар по вокација, уметник во суштина и заштитар, конзерватор и реставратор на уметничките вредности од минатите времиња со академска титула. Во Завод и Музеј-Охрид беше вработен од 1988 до 1991 година. На Охриѓани им ја остави реставрирана вековната Горна Порта, реставрирана и обновена украсната влезна порта од манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта, Охридската гимназија, реставрирана надгробната плоча од поетот и преродбеник Григор Прличев, ентериерните специфичности на охридските архитектонски убавици Робевци и Уранија, на ентериерните вредности на обновената Прличевата родна куќа… Незаборавен беше нашиот престој во Херне, Германија, каде што го презентиравме Охрид со најзначајните археолошки вредности и со охридско иконописно наследство, а каде што нашиот Мартиновски, таму симпатично наречен Зигмунд, беше главниот оперативец на изложбата.
Од 1991 година до денес Крсте Мартиноски беше слободен уметник и член на ДЛУМ. Презентираше уметнички вредности по скопските галерии и музеи во самостојни и групни изложби. Крај Вардар со сопствени раце си изгради дом со Еденска градина околу него.
Незаборавно е неговото учество во конзерваторско-реставраторските работи на Плаошник каде што неговите „златни раце“ од керамички фрагменти обновуваа цели питоси и спојуваа фрагменти од столбови и други камени и мермерни предмети. Праисториската дрвена капија на влезот во реконструираната наколна населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро е негово дело како негов влез во предворјето на праисторијата, таму каде што во длабокото минато ќе се сретне со длабоката иднина и ќе продолжи да живее во вечноста како гласник на нашата цивилизација. И уште нешто, со библиска конотација: Крсте Мартиноски беше заљубен во Адамовата Ева и поради тоа тивко и осамено замина од животот не обвинувајќи никого и добрувајќи со секого.
Засекогаш ќе живее во нашите светови, а ние сме многу, велат неговите колеги и соработници од НУ Завод и Музеј – Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.