Со промоција на книги, креативен конкурс, награди и изненадувања за фановите, на 16 април (сабота) од 11 до 13 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ ќе се одржи ден посветен на Хари Потер. На настанот ќе бидат прoгласени и наградени победниците на ликовниот и литературен конкурс „Светот на Хари Потер“, што се одржа од 18 февруари до 20 март, а на кој учествуваа неколку стотици ученици од основните и од средните училишта од цела Македонија.

Во жирито за литературниот дел од конкурсот се: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска (уредници на книгите „Хари Потер“ на македонски јазик) и Татјана Димовска-Атанасова (уредничка во „Арс Ламина“ и администраторка на страницата на „Фејсбук“ – „Во светот на Хари Потер“).
За победниците во ликовниот дел од конкурсот одлучуваат: Здравко Гиров (илустратор), Сашко Потер Мицевски (филмаџија и голем фан на Хари Потер) и Александра Филипоска (графичката дизајнерка и илустраторка во „Арс Ламина“).

Ќе следува промоција на седумте книги од серијалот „Хари Потер“ од авторката Џ. К. Роулинг, објавени на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ од Скопје. Станува збор за книгите: „Хари Потер и Каменот на мудроста“ (што го има и во лектирна верзија), „Хари Потер и Одајата на тајните“, „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“, „Хари Потер и Пламениот пехар“, „Хари Потер и Редот на фениксот“, „Хари Потер и Полукрвниот принц“ и „Хари Потер и Реликвиите на смртта“. За книгите ќе зборуваат уредниците на македонските изданија: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска.

Во продолжение ќе се одржи интерактивен дел за сите млади читатели и фанови на Хари Потер, со многу награди и изненадувања. Настанот ќе биде и од cosplay (костимиран) формат, односно секој што сака може да присуствува маскиран во некој од своите омилени ликови од серијалот „Хари Потер“.

Специјален гостин на дружбата ќе биде Сашко Потер, кој е голем вљубеник во Хари Потер и учесник во монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки“.

Денот на Хари Потер е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, која ги поседува авторските права за книгите од серијалот „Хари Потер“ на македонски јазик, и книжарниците „Литература.мк“, кои се застапници на лиценцирана гифт-програма инспирирана од светот на младиот волшебник. Со овој настан се приклучуваме на светските случувања со кои се одбележуваат 25 години од објавувањето на првата книга од серијалот „Хари Потер и каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг.
Настанот е со поддршка на „Скопје сити мол“ и кината „Синеплекс“, каде што деновиве премиерно ќе се прикажува „Фантастични ѕверки 3: Тајните на Дамблдор“ – филм инспириран од светот на Хари Потер.
Книгите од серијалот за Хари Потер се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.