Актерите од Народниот театар Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот од Велес почна со пробите за претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигиери, а во режија на Дејан Пројковски. Покрај режисерот Пројковски, авторскиот тим на претставата го сочинуваат: Олга Панго како кореограф, Валентин Светозарев како сценограф, Раде Василев како костимограф, Горан Трајкоски како автор на музиката за претставата, асистентка на режисерот е Марија Петреска.
Во претставата учествува речиси целиот ансамбл на Велешкиот театар: Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Маја Љутков, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска, Марија Баркова, Кристијан Саздовски…
Дејан Пројковски е еден од најзачајните режисери во регионот. Неговите режии во Нови Сад („Ана Каренина“, „Ричард Трети“), Бања Лука („Дервишот и Смртта“), Софија (Иван Вазовм „Браќа Карамазови“), Сплит (ХНК Сплит, „Орестија“), Истанбул („Ромео и Јулија“), Санк Петербург (Вера Комисаржевскаја, „Опасни врски“), Подгорица (ЦНП, „Бура“) се театарски маркери на именуваните театри и истите се закитени со најзначајните награди во регионот, додека претставата „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско позориште.
„Пеколот“ од Данте Алигиери, еден од најфасцинантните текстови во историјата на светската книжевност, за потребите на претставата ќе биде преведен во моќни и густи слики кои комуницирајќи со контекстот ќе создадат претстава во која супериорниот актерски и технички потенцијал на големата сцена на Велешкиот театар ќе биде максимално искористен. Дантевиот изворник, чии метафори зборуваат за слоевите на распадот на европската цивлизација, во претставата ќе биде толкуван преку контекстуализација на густите места и нивна транскрипција во оригинални сценски слики.
Со оваа претстава Велешкиот театар сака да се наметне како еден од најважните театарски центри во Југоисточна Европа, а за овој аргумент зборува и селекцијата на претставата на најзначајниот светски театарски настан кој ќе се случи во 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.