Вечерва ја затвораме Ретроспективата Буњуел и го гледаме последниот филм ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА (Cet obscur objet du desir/ Ese oscuro objeto del deseo/ That Obscure Object of Desire, 1977, FR/ES, 102’)

По филмот публиката ќе има можност да чуе излагање на проф. д-р Јасна Котеска, „Тој мрачен предмет на желбите: Психоаналитички поглед врз светот на Буњуел“
Последниот филм на Буњуел, реализиран според романот на Пјер Луи, во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер и продуцентот Серж Силберман, раскажан во форма на ретроспекција, повторно е дело што дистрибуира значења на повеќе нивоа. Така, врската меѓу двата главни лика – богатиот средовечен Французин Матје, кого извонредно го интерпретира Фернандо Реј, и младата собарка, сиромашната Шпанка Кончита, има класни карактеристики затоа што тој е богат буржуј, а таа девојка од народот, и ним соодветни психолошки карактеристики претставени преку садомазохистичката врска во која Матје никако не може да оствари задоволување на своите сексуални и романтични страсти кон девојката што постојано го предизвикува. Истовремено, во конфронтација се и моралната и половата поставеност на ликовите – Матје настапува од позиција на машка и богаташка привилегираност, додека Кончита постојано се одмаздува. Тие некомпатибилности ги симболизираат атентатите на анархистите, а разликите меѓу поранешниот и денешниот свет ги нагласуваат многу функционални ретроспекции, како и иронискиот поглед на авторот.
Во филмот речиси целосно отсуствува музика, а куриозитет е тоа што ликот на Кончита го толкуваат две актерки, Анхела Молина и Карол Буке, откако Марија Шнајдер го напушта снимањето, но тоа само уште повеќе ја засилува филмската нарација. Филмот бил номиниран за „Оскар“ за странски филм, но не го добил, иако бил извонредно прифатен од филмските критичари.

ЈАСНА КОТЕСКА е македонска писателка, филозоф и редовен професор по хуманистика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е авторка на 12 книги за Зигмунд Фројд, Сорен Кјеркегор, за комунизмот, санитарноста, објавени во Вашингтон, Торонто, Љубљана, Белград, Софија и Скопје. Дел од нејзините книги се „Кјеркегор за конзумеризмот“ (2016, Торонто и Љубљана), „Фројдовска читанка, рана психоанализа 1893-1899“ (2013, Скопје), „Комунистичка интима“ (2008, 2022, Скопје; 2014, Вашингтон), добитник на Финеганова листа од 30 најзначајни книги за 2015 година од Европското здружение на писатели, и „Санитарна енигма“ (2006, 2021 Скопје; 2012 Софија). Таа е главен уредник на едицијата „Collection Aut“ на Тринити Колеџот во Торонто и на Централно-европскиот истражувачки центар за Сорен Кјеркегор (ЦЕРИ-СК) во Љубљана. Котеска е член на Филозофското друштво на Македонија, Независните писатели на Македонија, како и на бројни меѓународни организации и одбори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.