По пауза од девет години реномираниот театарски режисер со меѓународна кариера Слободан Унковски се враќа во Македонскиот народен театар (МНТ) и ќе ја работи претставата „Сите сме птици“ по текст на либанско-канадскиот автор Важди Муавад.

„Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски во 2013 година беше последен проект на Унковски во МНТ. Тој во изминатите децении на сцената на националниот театар ги постави претставите кои уште долго ќе се паметат: „Јунона и паунот“ (1971), „Среќна нова ’49“ (1985), „Ништо без Трифолио“ (1986), „Гнев божји“ (1990), „Црнила 005“ (2005).

Премиерата на претставата „Сите сме птици“ се очекува со почетокот на новата театарска сезона.

Унковски денеска ја одржал првата читачка проба. Тој ја поставува оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме, информираат од МНТ.

Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сѐ она што го знаат за својот идентитет. Терористички напад во Ерусалим го става во кома младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна…

Во претставата играат: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.