Вработените во Секретаријатот и стручните единици на Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) информираа дека од денеска стапиле во штрајк и бараат зголемување на нивните плати.
Во соопштение до јавноста тие велат дека штрајкот произлегол поради незаинтересираноста на Претседателството на МАНУ да ги реши нивните проблеми.
Во овој период, во повеќе наврати, се обидовме да изнајдеме решение за зголемување на платите, но досега не наидовме на разбирање кај Претседателството на МАНУ. За жал, Претседателството на МАНУ, а исто така и другите академици, не покажаа нималку загриженост за состојбата во која се наоѓаме, вешто избегнувајќи одговорност за преземање конкретни дејства за решавање на нашите основни егзистенцијални потреби, велат вработените кои стапија во штрајк.
Во соопштението тие напоменуваат дека академиците немаат статус на вработени лица во МАНУ, туку тие добиваат академска награда, на месечно ниво, со која им се оддава општествено признание за нивната дејност во областа на науката и уметноста.
Ова е првпат во 56-годишното постоење на МАНУ вработените во Секретаријатот и стручните единици да стапат во штрајк.
Нашите плати, односно платите на стручно-административните и техничките работници во МАНУ, кои изнесуваат, во просек, малку повеќе над минималната плата во државата, воопшто не се зголемени во последните 15 години и тие останаа несразмерно ниски, а со тоа драстично се наруши и повеќедеценискиот установен сооднос меѓу платите на вработените во МАНУ и висината на академската награда и платите на научните соработници. Овој проблем стана особено неиздржлив во последните две години кога, поради економската криза и инфлацијата, вредноста на нашите и онака ниски плати стана уште повеќе девалвирана“, додаваат вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ.
Според Законот за МАНУ, МАНУ е највисоката самостојна научна и уметничка институција во државата. Во штрајкот не учествуваат академиците на МАНУ, како ни научните соработници вработени во истражувачките центри на МАНУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.