Британскиот писател со индиско потекло Салман Ружди, кој беше избоден во август во САД, е слеп на едното око и не може да ја користи едната рака, изјави неговиот агент за шпанскиот весник „Паис“.

Не гледа на едното око… Имаше три сериозни повреди на вратот. Не може да користи една рака бидејќи нервите во таа рака се отсечени. А има уште 15-тина повреди на градниот кош и горниот дел од телото“, изјави агентот на Ружди, Ендрју Вајли.

Писателот Салман Ружди прободен со нож во пределот на вратот и лицето при предавање во државата Њујорк

Според него, повредите се длабоки. „Тоа беше брутален напад, но тој ќе живее“, изјави агентот кој за прв пат јавно ги обелодени деталите за здравствената состојба на писателот нападнат на 12 август.

Ружди беше нападнат додека се подготвуваше да зборува на конференција во северниот дел на Њујорк.

Полицијата веднаш го уапси осомничениот Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој пред судот се изјаснил за невин за нападот.

Ружди, роден во 1947 година, е познат по книгата „Сатански стихови“, која е забранета во Иран од 1988 година.

Писателот беше принуден да се крие во Велика Британија цела деценија, бидејќи иранскиот ајатолах Хомеини издаде верски декрет (фатва) една година подоцна со кој им нареди на верниците да го убијат писателот поради наводната навреда на исламот во романот. Во 1998 година, иранската влада објави дека не ја поддржува фатвата, но и дека нема да ја повлече.

Според исламската доктрина, еднаш издадената фатва никогаш не може да се повлече, особено ако лицето што ја издало оттогаш починало, како што е случајот со Хомеини (1902-1989).

Ружди влезе во светот на литературата во 1981 година со романот „Децата на полноќ“, сместен во неговиот роден Мумбај, чие дејство започнува на полноќ на 15 август 1947 година, во моментот кога Индија се стекнува со независност од Велика Британија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.