Изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам, во Старата скопска чаршија ќе биде отворена денеска напладне.
Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.
Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности.
На изложбата ќе бидат изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.
Во еден селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.
Изложбата е во заедничка организација со Француски институт во Скопје – Institut français de Skopje.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.