На сцената на Националната опера и балет (НОБ) вечер со настапот на врвна солистичка екипа ќе се одржи уште една изведба на една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ од големиот италијански композитор Гаетано Доницети.

Како што соопштуваат од Националната опера и балет, во оперската претстава ќе настапат нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, баритонот Марјан Јованоски во улогата на Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Благој Нацоски. Во улогата на Рајмондо ќе биде гостинот од Италија, Алесандро Абис, во улогата на Артуро – Никола Стојчевски, а во улогите на Ализа и Нормано ќе настапат Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски.

Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е Иван Еминовиќ, режисер и сценограф е Лев Пулиезе од Италија, а костимограф Марија Пупучевска, концерт мајстор: Верица Ламбевска, хор мајстор: Ѓурѓица Дашиќ.

Ова е втора изведба месецов на операта „Лучија од Ламермур“. На 12-ти март операта на сцената на НОБ ја донесе солистичка екипа во состав: Наде Талевска во насловната улога, како Енрико настапи Ристе Велков, во улогата на Едгардо беше Благој Нацоски, Никола Стојчески беше во ролјата на Артуро, како Рајмондо настапи Алесандро Абис (Италија), Ализа ја играше Соња Пендовска Мадевска, а Дејан Стоев како Нормано.

„Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26 септември 1835 година во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 година. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.