Во КСП Центар-Јадро на отвoрањето на самостојната изложба „Panta rei“ на Наташа Гелева, на 18.04.2023 (вторник) , со почеток од 20:00 часот.

Да се промени промената: Што се менува и зошто?

Постојат многу начини на коишто може да се види, да се согледа и да се мисли промената. Фотографијата е магичен медиум, кој прави упад во времето и нашето сфаќање за историскиот тек. Ние сме веќе одамна во еден нов свет – нашиот однос кон времето е радикално променет. Нарушена е историската свест и заглавени сме во еден постисториски луп, на бесконечно повторување во круг, на промената која се забрзува, а во суштина нема видлива и јасна насока, нема историски дефинирана цел. Промената, сама по себе, е цел за себе. А ние како да не можеме да избегаме или исчекориме од тој круг. И дали всушност се менува нешто суштински или имаме само забрзување на менувањето на тоа што е површинско, појавното? И дали е тоа така за да не се промени јадрото на најсуштествените релации?

Градот Скопје минува низ бројни трансформации низ својата историја, а посебно во последните петнаесетина години. Многумина се обидувале да го документираат тој незапирлив тек, а фотографите се, очекувано, на првата линија на тој фронт.

Наташа Гелева (1978) се занимава со фотографија од 1999 година, и учествувала на повеќе изложби, а во последните неколку години се претстави со своите самостојни изложби „Излишно“ (ЦК „Григор Прличев“ – Охрид, 2022) и „Бев таму“ (Комитет, Скопје, 2021), а значајно и впечатливо е нејзиното учество на изложбата „Екстатични тела“ (Skopje Pride Weekend, МСУ-Скопје, 2022).

Изложбата на Наташа Гелева насловена „Панта реи“ се состои од избор од 25 фотографии од истоимениот циклус и воедно претставува еден вид омаж на Скопје. Оваа целина е и начин да се искористи природата на фотографскиот медиум, посебно урбаната фотографија, за да се направи обид за зачувување на сеќавањата, наспроти хаотичниот тек на промените. Тие се документ којшто ни доловува само еден миг во сеопштиот тек на незапирливата промена. Фотографиите колку и да се слични, по својата дефиниција, тие се една уникатна перспектива за времето кое поминува и материјата која се трансформира. Снимени од конкретна перспектива дефинирана од просторни координати во точно одреден момент, тие ги документираат различните фасети на градот кој постојано се менува.

Отфрлени столчиња, кукли-манекени пред дуќаните, старо-нови споменични обележја, и по некоја човечка фигура – оваа фотографска серија непретенциозно ги поставува избраните визури во групи, како диптих или триптих, и се резултат на увидот во специфични релации, формално-декоративни јукстапозиции, аналогии, стилски противречности… Тие се надвор од логиката на хронологијата и движењето на просторот, но истовремено ни отвораат можност и за обид да се реконструира градот во простор и време. И, секако, да се постави одново прашањето за улогата на граѓаните во развојот и промените на својот град – каде сме ние, каде одиме, како настануваат тие промени, зошто и за кого, и како промената нѐ менува нас самите.

Владимир Јанчевски

Скопје, 10 април 2023


Наташа Гелева е родена во 1978 во Прилеп. Има дипломирано на Филолошки Факултет, отсек Германскијазик и книжевност. Се занимава со фотографија од 1999 и има зад себе неколку групни изложби во Македонија и странство, како и неколку самостојни изложби. Како позначајна може да се издвои изложбата „Елегија за старата железничка“ во Музеј на Град Скопје во 2012. Фотографиите и се со перформативен карактер и во нив најчесто ја испитува интеракцијата на женското тело со простори или предмети во распаѓање со тоа укажувајќи на минливоста на нештата. Освен со фотографија се занимава и со видео и заедно со режисерот Јане Алтипармаков соработуваат на неколку проекти, меѓу кои документарниот видео-арт „И фабриките имаат душа“ направен под координација на продуцентот на филмовите на Стенли Кјубрик, Јан Харлан и на неколку музички спотови. Член е и на Иницијатива за Независен Културен Активизам (ИНКА), организатор на ДРИМON



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.