По повод 60 години од скопскиот земјотрес, Јуроп хаус го отвора архитектонскиот конкурс насловен „Скопје на новата генерација“ преку кој се повикуваат млади архитекти и урбанисти да оставаат свој белег во архитектурата на главниот град. Ова не е само конкурс за разубавување на градот туку и повик преку кој ќе се подобри пристапот кон заборавените места на градот. Целта на конкурсот е да се ревитализираат старите и заборавените простори во Скопје и градот да стане поинклузивен и попристапен за сите.
Покрај придонесот во архитектурата на градот, за победниците ќе следуваат и парични награди. Најдобриот дизајн ќе добие 1.500 евра, второрангираниот ќе добие 800 евра, а третиот 500 евра. Победниците ќе се избираат од група експерти-претставници од реномираните универзитети во Скопје, како што се Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), МИТ Универзитетот, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Делата ќе бидат анонимни, а експертите нема да знаат кој е автор на дизајнот, со што секој учесник ќе има иста шанса за победа.
Што се однесува до датумите, заинтересираните ќе можат да се пријавуваат од 4 септември 2023 година преку официјалната интернет-страница на Јуроп хаус www.euhouse.mk, а крајниот рок за учество е 22 октомври 2023 година. Доколку некој од заинтересираните за конкурсот има прашања, ќе има можност да ги постави до 18 септември 2023 година, а сите одговори јавно ќе бидат објавени на 25 септември 2023 година. Главниот настан и церемонијата на прогласување на победниците и изложбата на делата ќе се одржи на 13 ноември 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.