Кореодрамата „Лекција“, во режија на Ѓорѓи Ризески, а под кореографската палка на штипјанецот Бојан Мицев утревечер премиерно ќе се одигра на сцената Народен театар Штип (НТШ).

Станува збор за претстава која е креирана по делото на реномираниот автор Ежен Јонеско, а е светол пример за трендовите што го обликуваат театарскиот пејзаж денес. Спојот на танцот, театарот, музиката, кој целиот тим го има подготвено на театарската сцена поттикнува иновативност и креативност, вели кореографот Мицев.

Ликот на професорот го игра Ефтим Трајчов Ѓаурски, ученичката ја игра Димитрина Мицкоска Трајкоска, а актерот Милорад Ангелов е во улогата на слугинката.

Премиерата на претставата е утревечер, а репризното издание е во четврток, и двете со почеток од 20:00 часот. Директорот Трајков посочи дека тимот работел вредно и напорно во текот на летниот период, па ја покани публиката да го види резултатот.

Јас сакам само да се заблагодарам на сите актери, на сите чинители во претставата, на техниката, кои работеа во летните периоди кога сите бевме на годишен одмор, но оваа група на актери одлучија да останат да работат заедно со техниката, што значи еден исчекор, се жртвуваа во процесот во текот на летниот период и го составија ова дело, рече директорот Трајков.

Од оваа претстава ќе следат повеќе репризни изданија, а штипскиот Театар започнува со подготовка на уште една премиера. Во моментов се подготвуваат за гостувањата на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица и Денови на комедијата во Куманово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.