Во рамките на кампањата за поттикнување на читачките навики „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше 600 изданија во основните училишта во Штип.
По реализацијата на едукативната презентација пред просветните работници од основните училишта во Општина Штип, „Арс Ламина“ донираше по сто книги и едукативни изданија за училишните библиотеки во шест училишта: ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Димитар Влахов“, ООУ „Славејко Арсов“, ООУ „Тошо Арсов“ и ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци.

– Со оваа донација, нашата цел е да ги збогатиме библиотечните фондови на училишните библиотеки и да ја продолжиме нашата мисија за поттикнување на читачките навики кај децата. Донацијата се состои од лектири и читанки од едицијата „Лесно читливо“, збирки, вежбанки и други дидактички и нагледни материјали. Благодарност до градоначалникот на Општина Штип – Иван Јорданов, и до раководителот на Одделение за образование, Роберт Аџипетров, кои го препознаа значењето на кампањата „Читањето е супермоќ“. Следниот период ќе продолжиме со презентации и во другите општини низ државата и со донации на книги во училиштата што ќе се вклучат во неа – велат од „Арс Ламина“.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, на 15 јуни (сабота), со почеток во 11 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе го организира литературно-музичкиот хепенинг „Читањето е супермоќ“, со кој ќе биде заокружена кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата, за оваа учебна година.
На настанот ќе бидат наградени победниците на истоимениот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во градинките и во основните училишта во целата држава.  Децата од градинките учествуваа со ликовни творби на тема „Во светот на приказните“, а учениците од основните училишта со ликовни и литературни творби на тема „Во светот на книгите“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.