На сцената на летното кино „Мирно Лето“ на Кинотеката денеска беа доделени годишните награди „Златен објектив“ на филмската монтажерка Олга Луковска – Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре.

На годинашните лауреати, директорот на Кинотека, Владимир Ангелов им ги врачи традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

Секоја година Кинотеката доделува награди на лицата кои го задолжиле филмот и филмската уметност. Лауреатите на наградата секогаш ги објавуваме на 29 април. За годинешните лауреати Управниот одор се изјасни едногласно. Со Олга Луковска Дончиќ имавме мошне пријатен едночасовен разговор во кој се навративме на миговите кога активно работела, а Доре е човек кој долго време, повеќе од 40 години, остава печат на културната сфера и на сцената на филмската уметност во Македонија. Мислам дека Управниот одбор донесе вистинска одлука и годинава, рече Ангелов, кој се наврати на хронологијата на Кинотеката и го честиташе денот на Кинотеката.

Модератор на разговорот со годинешните лауреати беше Атанас Чупоски, кој се наврати на нивните почетоци.

Годинешните лауреати, двајцата повеќе од педесет години работат на полето на филмот и тоа сеуште трае. Имаат заеднички нишки, бидејќи се работи за луѓе родени кон крајот на Втората светска војна и кои својата младост и живот го поминале во таа Титова Југославија, кога Македонија добива национална држава во рамките на Федерацијата и на својот мајчин јазик може да ги развива сите дејности, а тоа особено е забележливо на полето на културата. Тие се генерацијата на предземјотресно Скопје, на кое сите со носталгија се сеќаваат. Учеле од колегите и се натпреварувале на некој начин со колегите од таа поранешна држава, рече во своето експозе Чупоски.

Олга Лукова Дончиќ е родена во Скопје, 1945 година, каде завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година.

Филмографија:

1967: Македонска крвава свадба (асистент на монтажа)

1967: Тито во Охрид (асистент на монтажа)

1967: Лето господово ’67 (асистент на монтажа)

1967: Луѓе и фасади (асистент на монтажа)

1967: Лифт горе, лифт долу (асистент на монтажа)

1968: Споменик (монтажа)

1969: Републиката во пламен (асистент на монтажа)

1969: И водите на Вардар ќе бидат скротени… (монтажа)

1969: ЗИК Пелагонија (асистент на монтажа)

1969: Свилен конец (монтажа)

1969: Претседателот Тито во посета на ЗИК „Пелагонија“ (асистент на монтажа)

1969: Хомо Апсурдикус (монтажа)

1970: Цената на градот (асистент на монтажа)

1970: Крсте Петков Мисирков (монтажа)

1971: Црно семе (асистент на монтажа)

1971: Македонски дел од пеколот (асистент на монтажа)

1972: Светлините на Скопје (монтажа)

1972: Град на човечко препознавање (асистент на монтажа)

1973: 99 (монтажа)

1973: Луѓе зад планината / Кичево 1971 (монтажа)

1974: Столетие на прекалените (монтажа)

1974: Скопски железнички јазол (монтажа)

1974: Сто години железници во Македонија (монтажа)

1974: Рацин (монтажа)

1975: Кој век минува надвор деца (монтажа)

1976: Фазил Хисни Дагларџа (монтажа)

1976: Еугенио Монтале (монтажа)

1976: Ден кога се проштева (монтажа)

1977: Црн бор (монтажа)

1977: Фаулбал (монтажа)

1977: Никола Мартиноски (монтажа)

1977: Фабрика за акумулатори „Злетово“ (монтажа)

1977: Винојуг (монтажа)

1978: Подмолна сила (монтажа)

1978: Џафра (монтажа)

1979: Бакнеж (монтажа)

1979: Рафаел Алберти (монтажа)

1979: Икар (монтажа)

1979: Ежен Гилвик (монтажа)

1979: Самопридонес (монтажа)

1980: Време, води (монтажа)

1982: Мостови – Струшки вечери на поезијата (монтажа)

1982: Мистериозниот предмет (монтажа)

1985: Автопат (монтажа)

1985: Патишта во СР Македонија (монтажа)

Ако ми е во животот нешто големо задоволство, тоа е што сум монтажер, многу сум возбудена, пресреќна сум што сум во толку години во животот посветила на монтажа. Многу сум возбудена, ме вративте во едно многу убаво време. Пресреќна сум што на монтажата сум и посветила толку многу години. Во монтажата секоја секвенца може да се измонтира на многу начини, рече Олга Луковска – Дончиќ заблагодарувајќи се на укажана чест и доделеното признание.

Благоја Куновски-Доре е роден во Скопје, 1946 година, долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ (Македонска радио и телевизија). Куновски е и долгогодишен уметнички директор (2009-2019), селектор на главната натпреварувачка селекција (1995-2019), и директор (2016-2017) на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм CINEDAYS при Младинскиот културен центар во Скопје; основач и програмски координатор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм АНИМАКС Скопје Фест. Куновски со децении наназад е член на ФИПРЕСЦИ (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique – FIPRESCI) десетина пати бил член и(ли) претседател на оваа водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција (три пати), Лондон, Москва, Карлови Вари… Член е на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари „ФЕДЕОРА“ (FEDEORA- Federation of the European and Mediterranean film critics). Автор е на илјадници прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и светските медиуми. Куновски е коавтор на монографијата „Дожд: светот за филмот ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски“ (Rain : the world about Milcho Manchevski’s film “Before the Rain”), 2004 година; коавтор и еден од уредниците на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“;соработник на филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на „Кинотечниот месечник“ и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“; соработник и уредник во филмските списанија „Синеаст“ (Сараево), „Филмска култура“ (Загреб), „Филмограф“ (Белград) во екс-Југославија, итн…

Светот на филмот е океан, цел живот разговараме на темата филм и филмска критика. Луѓето, за жал се помалку одат во кино-сали, иако светските трендови се обидуваат да го спасат филмот како ритуал на излегување од дома. Суштината на филмот е да купите билет и да го гледате во кино-сала. Фестивалите, за среќа се последните кои се на браникот на зачувување на дигнитетот на филмот. За среќа ги има доволно. Оваа награда е заокружување на една голема маратонска етапа, но мене сето тоа ме исполнува и досега сите иницијативи што сум ги презел успешно се реализирале. Филмот е уметност на визуелноста, на она што ќе го направи камерата, реализирана визија на еден автор. За мене најголемиот автор на сите времиња е Чаплин, рече меѓу другото Благоја Куновски-Доре, koj се заблагодари за наградата и посочи дека сите имиња кои се добитници на оваа престижна награда се добро друштво и оти е задоволен што има „фидбек“, односно што некој добро ја оценил нивната работа.

Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.