Доајенката на македонскиот балет, примабалерината Натка Пенушлиска-Митровска, почина на 88 години, објави Националната опера и балет.

Родена во Скопје на 24 април 1934, Пенушлиска-Митровска се здобила со балетското образование во Средното балетско училиште во Скопје и кај познатите педагози Јегорова и Преображенскаја во Париз (1953-1954). Модерен балет учела во Цирих и Каштел Камбеловец.

Членка на Балетот при МНТ беше од 1949 до 1972. Балетската кариера ја почнала на 14-годишна возраст, играјќи ја главната улога на Марија во „Бахчисарајска фонтана“ од Асафјев, првиот целовечерен балет поставен на сцената на МНТ. Ги играше сите главни улоги од програмата на балетскиот ансамбл, станувајќи синоним за балетската уметност во Македонија. На Југословенското балетско биенале во Љубљана во 1960 беше прогласена за најдобра класична балерина.

Меѓу нејзините улоги се истакнуваат Сванилда во „Копелија“, Аурора во „Заспаната убавица“, Ела во „Ѓавол на село“, Одилија во „Лебедово езеро“, Жизел во „Жизел“ и Јулија во „Ромео и Јулија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.