На 15 април, понеделник, во 18 часот, во аулата на Филолошкиот факултет ќе се одржи големо јавно судење на книгата „Птици во аквариум; надреализам 1924 – 2024“, напишана и составена од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, со предговор на Владимир Јанковски, а објавена од издавачката куќа „Полица“.

Во судскиот процес ќе земат учество судијата Владимир Мартиновски, јавниот обвинител Венко Андоновски, јавниот бранител Гоце Смилевски, адвокатот Владимир Јанковски, како и сведоците повикани од обвинителот и од одбраната: Соња Стојменска-Елзесер, Марија Гиревска и Иван Шопов.

Издавачката куќа „Полица“ како публика на ова големо јавно судење ги поканува да присуствуваат сите што ќе се осмелат да дојдат, со напомена дека е забрането присуство на помлади од 5 години!

На официјалниот настан на Фејсбук-страницата на „Полица“ стојат и следниве насоки:

  • Понеси 600 денари за да ја купиш книгата, бидејќи ова е можеби единствената можност да дојдеш до инкриминираното дело пред да биде осудено!
  • Немој да го пропуштиш овој настан што во идните истории на книжевноста ќе биде познат под името: „Афера со аквариумот“!
  • Можни се драматични пресврти во текот на судењето!
  • Судиите предупредуваат на притисоци што врз нив се вршат од некои писателски кругови!
  • Потсетуваме на правилото: Никој не е виновен пред да се докаже вината! (или, кажано со стручна терминологија: „In vino veritas“, т. е. „ Veni, vidi, vici“):
  • Правни стручњаци тврдат дека постои можност за амнестија на сите учесници (вклучувајќи ја тука и публиката)!
  • Дојди и присуствувај на најсензационалниот настан во македонската книжевност од појавата на книгата „Глувчето Мице“ на Ванчо Николески!
  • Дозволено е внесување музички инструменти, носење маски, цитирање марксистичка литература и грицкање семки.

Со овој настан, македонската култура, меѓу првите во Европа, ја одбележува стогодишнината од појавата на надреализмот, движењето што ќе го промени сензибилитетот на модерните времиња.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.