Изложбата на фотографии од фондот на браќата Манаќи на тема „Градска облека“, беше презентирана во Центарот за култура во рамките на Бит фест и Илинденски денови, а во
соработка со Државниот Архив, одделение Битола.
Милтон Манаки заедно со неговиот постар брат Јанаки, ги поставил темелите на балканската фотографија и кинематографија, започнувајќи со дејност на крајот на 19 век. Сведоци на политичките премрежја на територија на географска Македонија во 20 век, браќата Манаки покажале поширока културна визија и димензија во областа на фотографијата, надминувајќи го степенот на работата во ателје за комерцијалните потреби на граѓаните, типичен за нивните деловни современици од фотографскиот еснаф. Нивната дејност била предмет на многубројни студии од областа на културата, уметноста и историјата во Европа и светот. Најголем дел од нивното творештво денес се чува во Државниот архив – Одделение Битола (документација, фотографии и предмети). Беа изложени околу 27 фотографии за кои зборуваше раководителот на Државниот Архив одделение Битола, Гоце Стојановски.
На крајот на 19-тиот, почетокот на 20-тиот век објективот на браќата Манаки ќе ги овековечи бурните времиња што ги живееше градот. Меѓу економската неизвесност, политичките пропаганди и влијанија, нестабилноста на Отоманската Империја, Битола ќе се најде на крстопат помеѓу несигурна, но и возбудлива иднина синтетизирајќи ги елементите на стариот свет и европскиот прогрес и благосостојба во новото време (La Belle Époque).
Фотографскиот опус на браќата Манаки, дава исклучителна можност да ѕирнеме во секојдневието на битолчани, но и свечените пригоди што ги имало во овој сѐ уште значаен културно-трговски центар на Балканот.
Во следниот период ќе следи дигитализација на Фондот на Манаки во рамките на Програмата за загрозен архивски материјал кој го спроведува Британската Библиотека и со тоа нивното творештво и Битола ќе ги надминат локалните граници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.