Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ ги содржи разговорите што Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од дваесет години. Интересно, оваа книга е точно 800-та книга во издание на издавачката куќа „Антолог.

Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, разговори од 2023 година.

На овие страници се допрени најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците.

Во книгата Урошевиќ дава свое видување на некои од главните преокупации во сопственото творештво: првичните поттици за пишување, детството како голема тема во литературата, опседнатоста со градот, необичните простори, куќата како топос, летото и медитеранските теми, алхемијата, поетиката на надреализмот, љубовта кон сликарството и интересот за светот и животот на инсектите и, воопшто, животните, различните цивилизации и култури. Исто така, може да се прочита неговата лична перспектива за македонската книжевност од крајот на педесеттите години, а интересни се и неговите лични согледувања и мини портрети за некои од најзначајните македонски писатели кои биле негови современици, пријатели или соработници.    

 

Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек кој својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.