„Затемнување“, норвешкиот документарец на Наташа Урбан, освои Кромид за најдобар филм во главната програма на 13. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс што завршува вечерва во Скопје.

Повеќеслојно, софистицирано дело на рекултивација на меморијата, што го поврзува минатото со сегашноста и личното со политичкото, со изразено чувство за поетски детали и посветеност на интегритетот на историското сведоштво, ’Затемнување‘ претставува значаен придонес за пресметката на балканскиот регион со војната, раселувањето и идентитетот, вели жирото во образложението за наградата.

Специјално признание Кромид доби „Вознемирена земја“ (Шпанија, Босна и Херцеговина) на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас – Канди со образложение: „Филмот претставува поетски есеј за еден ’пејзаж на вината‘. Овој филм создава едно кинематографско искуство на тишина и време, на трауматично минато кое едвај се крие во сегашноста.“

Наградата Млад кромид за најдобар филм на нов автор ја доби филмот „Братство“ (Чешка, Италија) на Франческо Монтанер а жирито вели:

Авторот прецизно и чувствително ја долови комплексноста, како и сложеноста на односите во едно целосно машко семејство. Како гледачи, имаме можност да се нурнеме во младешки свет полн со строги правила и обврски, без оглед на присуството на родител-авторитет. ’Братство‘ отвора поголем контекст на двојноста на современиот свет и традицијата. Блискоста и природноста на ликовите во силните филмски слики го прават брилијантно дело, полно со суптилност и убавина.“

Специјално признание Млад кромид доби „Невидливи демони“ (Финска, Германија, Индија) на Рахул Џаин.

Наградата Сечкан кромид за најдобар краток филм ја доби „Бабајања“ (Хрватска) на Анте Златко Столица, а жирито кажа:

Филмот нè воодушеви со своите неверојатни визуелни прикази и оригинален начин на мешање на духовите од детството со тешките реалности. Преку воспоставување на фиктивни елементи во документарен наратив, детската перспектива полека се менува во една истрага на возрасен човек, кој се обидува да ја најде жената што го прогонувала во соништата и што била претворена во чудовиште од нејзините соселани поради својата другост“.

Специјално признание Сечкан кромид добија филмовите „Се обидувам да се сетам“ (Чешка, Иран) на Пегах Ахангарани и „По течението на зборот“ (Холандија) на Илејн Естер Ботс.

Наградата Кокарче за најдобар студентски филм ја освои „Чичко ми Тудор“ (Белгија, Унгарија, Португалија) на Олга Луковникова со образложение:

Овој филм е моќен исказ на еден храбар, млад режисер кој се враќа назад и се соочува со чудовиштето во куќата. Филмот остава дамка во умот на гледачите што не може да се избрише, правејќи ги заложници на злосторствата сторени од блиски роднини, а сепак остава доволно простор да се замислат суровите дела кои не треба да се повторат, никогаш, никому, никаде.“

Специјално признание Кокарче доби „Стадо“ (Израел) на Омер Даида.

Во конкуренција за Награда за филм со најдобри етички идеи влегуваат сите филмови од натпреварувачките селекции,наградата ја доби „Куќа од раски“ (Данска, Финска, Шведска) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт.

’Куќа од раски’ е одличен пример за моќта на филмот да ги открие сложените човечки чувства и реакции во многу интимна и деликатна ситуација на несреќните деца на украинскиот пропаднат општествен систем. Филмот ни покажува како етиката на понижување на едно општество влијае на неговите најранливи членови. Иако ова е тажна и трогателна приказна за деца со неизвесна иднина, таа се разголува во своето највистинско присуство, без форсирање на елементите и наративот. Да се снима документарен филм со деца кои ги доживуваат своите најдлабоки трауматски моменти во животот, бара постојан етички фокус, чувствителен пристап и грижа да не се навлегува во нивниот веќе нарушен живот. Сето тоа со цел да се доближи нивната несреќна приказна пред очите на светот, очите кои се поштедени од неволјите низ кои минала филмската екипа, образложи жирито.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.