Во културниот центар Лабораториум, од 16 до 23 јануари 2024 година, од 15 до 19 часот, ќе се одржуваат работилници за креативно пишување насловени како „Неименувана“.

Ментор(к)и: Марија Бошковска, Ивана Смилевска, Дарко Алексовски.

Повикот за учество во работилницата е отворен за млади на возраст од 15 до 19 години, а бројот на учесници е ограничен.

Волшебното царство на бајките од цел свет, мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја е отворено!

Наместо гласник, го испраќаме овој формулар до млади кои сакаат да се приклучат на петдневната работилница за креативно пишување со млади, „Неименувана“ под менторство на „Duma in summa“ – компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.

Ако правиш пиши-бриши, кликаш и сликаш, пишуваш и си главна/главен со мимови во чет-групите, оваа работилница ќе ги прошири твоите знаења за новите дигитални комуникации, а воедно ќе те запознае со потеклото и варијантите на бајките кои се развивале и прилагодувале низ различни времиња и култури.

Дојди и откриј што е заедничко за Заспаната убавица и Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

Низ петте денови на работилницата ќе буричкаме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржини.

Во тоа ќе ни помогне и нашата гостинка менторка од Босна и Херцеговина – Хана Чурак, администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“, па ќе направиме и по некој мим, bona.

Знаењата собрани на работилницата ќе ги сумираме во креативна пракса и авторски текстови, па дојди и раскажи ни го твоето „Си било еднаш…“. Авторските текстови кои ќе ги пишуваме со заеднички сили ќе бидат извезени на текстуални инсталации во склоп на една активистичка акција атракција, ама за ова повеќе на работилницата…, се вели во објавата од организаторите на овој настан.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.