Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра” кој ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, Марински театар и Минхенската филхармонија.

Врвниот Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое се смета за едно од неговите најдобри дела, а му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.

 

Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во F-dur од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во b-moll од Александар Глазунов наречена „Херојска”, опишана како „архитектонска поема”.

Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката коишто ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите.

 

Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на „Артур Рубинштајн” – филхармонијата во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин диригент се бројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонгконг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, „Моцартеум” оркестарот во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радио-симфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, Берлин итн. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен” за холандската компанија „Opera Zuid” во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос” од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.