Големиот Зубин Мехта по трет пат е во Скопје. По настапите во Белград и Тирана ја предводи Белградската Филхармонија на концерт во рамки на проектот „Отворен Балкан“. Eден од најголемите диригенти на денешнината е докажан авторитет во иницирањето на изградбата на мостови меѓу различните култури. Со својата единствена енергија и визија, допринесе во рушењето на бројни бариери користејќи ја моќта на музиката. Маестро Мехта со голем ентузијазам ја поддржа иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу Србија, Албанија и Македонија. Срдечен, непосреден, човек ризница од знаење и искуства, разговорлив и пријатен. Човек со кој е задоволство да се разговара… Ни потврди дека сеуште живеат со сопругата во куќата што ја купиле од Стив Меквин во Лос Анџелес, за која вели дека е најубавата во градот. Со голем жар во очите зборува за настапот со Сараевската Филхармонија во разрушената Национална библиотека во Сараево во самиот ек на војната, за соработката со трите тенори, но и за поставувањето на „Турандот“ во Забранетиот град во Кина, што го смета за настан кој ќе го памети цел живот… Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи кои денеска важат за историски. Роден во 1936 година во Бомбај, своето прво музичко образование го стекнал под менторство на својот татко Мехли Мехтa, истакнaт концертен виолинист и основач на Бомбајскиот симфониски оркестар. По краткиот период на студии по медицина во Бомбај, се сели во Виена во 1954 година, каде, се запишува на Музичката академија, на диригентскиот оддел кај Ханс Сваровски. Во 1958 година Зубин Мехта победува на меѓународниот натпревар по диригирање во Ливерпул и ја освојува наградата на Летната академија во Тенглвуд. До 1961 година веќе диригира со Виенската, Берлинската и Израелската филхармонија, а неодамна прослави и 50 години од музичката соработка со овие три ансамбли. Бил музички директор на Монтреалскиот симфониски оркестар од 1961 до 1967 година, додека во 1962 година ја презема позицијата музички директор на Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес, на која се задржува до 1978 година. Во октомври 2019 година се збогува од Израелската филхармонија, во која помина 50 години. Во таа прилика е именуван за музички директор емеритус на Израелската филхармонија. Во 1978 година ја презема функцијата музички директор на Њујоршката филхармонија, со што го започнува својот 13-годишен мандат, најдолг во историјата на овој оркестар. Од 1985 до 2017 година бил шеф-диригент на Оркестра дел Маџо Музикале Фјорентино во Фиренца. Зубин Мехта дебитирал како оперски диригент со „Тоска“ во Монтреал во 1963 година. Од тогаш диригирал во операта „Метрополитен“ во Њујорк, Виенската државна опера, Кралската опера, Ковент Гарден, миланската „Скала“ и во оперските куќи во  Чикаго и во Фиренца, како и на фестивалот во Салцбург. Помеѓу 1998 и 2006 година бил музички директор на Баварската државна опера во Минхен. Во октомври 2006 година ја отворил Уметничката палата на кралицата Софија во Валенсија и бил претседател на годишиот Медитерански фестивал во Валенсија до јуни 2014 година, каде го диригира циклусот „Прстенот на Нибелунзите“ со театарската трупа „Ла Фура делс Баус“ во копродукција со Фирентинската опера. Останатите циклуси од „Прстенот“ ги комплетира во Чикашката опера и во Баварската државна опера. Списокот на награди и признанија на Зубин Мехта е голем. Тој е почесен граѓанин на Фиренцa и на Тел Авив. Почeсeн члeн на Виенската државна опера станува во 1997 година, на Баварската државна опера во 2006 година и на виенското Друштво на музичко пријателство – во 2007 година. Титулата почесен диригент му ја доделија оркестрите: Виенската филхармонија (2001), Минхенска филхармонија (2004), Филхармонијата на Лос Анџелес (2006), Театро дел Маџо Музикале Фјорентино (2006), Берлинската државна капела (2014) и Баварскиот државен оркестар (2006), со кој настапи во Сринагар во Кашмир, во септември 2013 година. Во 2016 година Театро ди Сан Карло во Неапол го именува Зубин Мехта за почесен музички директор, а Израелскиот филхармониски оркестар и Филхармонијата на Лос Анџелес во 2019 година го прогласија за диригент емеритус. Во февруари 2019 година и Берлинската филхармонија го именува за свој почесен диригент. Посебна чест му е укажана и во 2022 година, кога новата концертна сала на Театро дел Маџо Музикале во Фиренца го доби неговото име. Во октомври 2008 година, Зубин Мехта е одликуван со Царската награда од страна на јапонското царско семејство. Во март 2011 година, добива посебно признание со поставувањето ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните. Командантскиот крст и Орденот за заслуги му ги додели Германија во јули 2012 година, а индиската Влада, во септември 2013 година го одликува со наградата „Тагоре“ за културна хармонија, која година дена порано ја доби и Рави Шанкар. Во 2022 година Владата на Австралија го именува за почесен носител на Орденот на Австралија.

Зубин Мехта продолжува да ги открива и поддржува музичките таленти ширум светот. Заедно со својот брат Зарин ја води Музичката фондација „Мехли Мехта“ во Бомбај, каде повеќе од 200 децa стекнуваат знаење од областа на западната класична музика. Музичката школа „Бухман- Мехта“ во Тел Авив развива млади таленти во Израел и блиску е поврзана со Израелската филхармонија, преку нов вид подучувања на младите арапски Израелци во градовите Шфарам и Назарет, со локални наставници и со членови на Израелската филхармонија.

Едноставно, Зубин Мехта е човек чиј свет е полн со музика и со кој можете бесконечно да разговарате.

Белградска филхармонија предводена од Вас настапува во Белград, Скопје и Тирана во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Како гледате на оваа иницијатива, што претставува за Вас овој проект?

Сметам дека ова е прекрасна идеја. Сите овие Балкански држави културно да се поврзат во една заедница. Убаво е што патуваме од една земја во друга и ги покажуваме нашите лица, а не само пасошите. И тоа е добро за мене.

Во Македонија настапувате трет пат, по 1967 година кога настапивте со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, вториот во 2007 година кога го предводевте концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем. Вие сеуште не успеавте да ја видите салата на Македонската филхармонија, а сакав да Ве прашам какви ви се впечатоците?

Штотуку стигнав и немав можност да ја видам новата сала на Македонската филхармонија. Ова ќе ме прашате после концертот (ха ха ха)

Вие сте еден од главните поборници за изградба на новата концертна сала на Белградската филхармонија. Зошто сметате дека е важно секој симфониски оркестар да има сопствен дом?

фото: Белградска филхармонија

Секој симфониски оркестар има потреба да има место во кое ќе биде свој на своето. Место каде што ќе можат да ги остават не само своите шамивчиња, туку и инструментите. Психолошки е тоа многу важно. Да одат од една во друга сала и да се вратат во нивна сала. Со големиот Иван Тасовац, кој беше духовен водач на Белградската филхармонија се залагавме заедно за оваа одлична идеја. Многу години наназад дискутиравме за тоа, му испраќав архитект, кој мене ми се допаѓа и кој даваше идеи за изгледот на зградата на Белградската филхармонија. Потоа советот избра идеја од една госпоѓа од Англија чии планови имав можност да ги видам и изгледа прекрасно. Архитектот и акустичарот мора да работат заедно, речиси секој ден. Акустичарот мора да дава совети. Се надевам дека салата ќе го носи неговото име.

На 19 јуни 1994 година настапивте во руинираната Национална библиотека во Сараево предводејќи ја Сараевската филхармонија. Можете ли да споделите некои чувства од тој настап? Каква порака сакавте да испратите?

фото: Мирза Ајановиќ

Тоа беше Библиотека која беше бомбардирана од српската војска. Настапивме во холот полн со камења, бидејќи библиотеката беше оставена така во рушевини, војната сеуште не беше завршена. На денот на концертот момче на 11 години беше убиено. Најверојатно случајно, никој не убива деца намерно, не верувам во тоа. Но, инспирацијата на италијанскиот импресарио Марио Драги, кој ги донесе Хозе Карерас, сопранот Сесилиа Гастиа, мецо-сопранот Илдико Комлоси и Руџеро Раимонди и негова беше идејата да се настапи во руинираната Национална библиотека со дозвола од владата на Босна и Херцеговина. Тогаш се сретнав и со тогашниот претседател Алија Изетбеговиќ, кој беше ентузијаст и направивме прекрасен филм од тој концерт. Не постоеше никаква војна додека траеше концертот, имаше само музика. Многу е важно. Важна е моќта на овој вид порака, бидејќи немаше место за публика, во руините немаше каде да се седне, но нашата порака стигна до публиката. И многу сум среќен дека го сторив тоа.

Истата недела требаше да настапам во Лос Анѓелес со трите тенори, Операта во Минхен ме ослободи да одам и да го реализирам концертот во Сараево, а потоа и во Лос Анѓелес.

 

Почнавте да студирате медицина, но победи музиката…Што претставува таа за Вас?

Вистински не почнав да студирам медицина. Почнав да следам настава една година и потоа открив дека тоа не е за мене. Мојот татко беше голем музичар, отидов кај него и тој ме разбра, бидејќи и тој своевремено се нашол во слична ситуација. Татко ми беше даночен инспектор во Бомбај, но се откажа од тоа и стана виолинист. Јас потоа заминав во Виена да учам музика и никогаш не престанав.

Значи на Вас како личност, професионално влијаеше Вашиот татко кој бил виолинист и основач на Симфонискиот оркестар на Бомбај?

Апсолутно, татко ми беше првиот што најмногу влијаеше на мене, а потоа и мојот учител во Виена, Ханс Сваровски. Се разбира потоа влијаеа и учев од многу диригенти на чии проби одев потоа. Без да зборувам со нив, само одев и ги следев нивните проби и учев. Во Виена во педесеттите години имаше многу големи музичари, како Карајан, Крипс, Карл Бом и многу други, како и многу оперски пејачи кои настапуваа во Виенската опера. Целото мое слободно време додека студирав во Виена го минував посетувајќи ги нивните настапи во сите сали низ градот, целото време во Виена го поминував на просторот меѓу „Мусиквереин“ и „Виена Операхаус. Слушав, слушав, слушав…

Погледнав емисија за Вашиот живот каде велите дека живеете во куќа во Лос Анџелес која сте ја купиле од Стив Меквин. Кога сте ја купувале, неговата сопруга ви рекла дека мисли оти ќе останете таму засекогаш. Дали се оствари тоа? Сеуште живеете во истата куќа?

Таа беше во право, сеуште живеам во таа куќа. Навистина се оствари тоа. Тоа е една од најубавите куќи во Лос Анџелес. Многу е важно да се има дом.

Што сакате најмногу да правите во слободно време? Што Ве исполнува најмногу?

Токму во таа куќа го минувам слободното време. Диригирам цела сезона, завршувам во средината на јули и потоа одам дома на тринеделен одмор.

Монтреал, Њујорк, Лос Анџелес, Фиренца, Виена, Минхен…сте работеле низ цел свет. Сте ја извеле Турандот со оркестарот и операта од Фиренца во Забранетиот град во Кина… Дали можете да издвоите некој настап кој засекогаш ќе го паметите?

Тој настап во Забранетиот град во Кина е еден од тие настапи кои ќе ги паметам засекогаш. Исто така еден од првите концерти кои ги работев на границата на Австрија со Унгарија во текот на Револуцијата, кога Унгарците бегаа преку границата секој ден. Отидовме во Англиски камп со студенти од Академијата и одржавме концерт во мензата на англискиот камп. Еден унгарски свештеник излезе после тој концерт и не благослови мене и студентите кои свиреа со мене. И мислам дека неговиот благослов ми помогна во текот на целиот живот.

 

Како би ја опишале Вашата професија? Од оваа страна изгледа лесно, но сметам дека не е сосема така?

Лесно е, навистина е лесно ако имате музичка наобразба, кога го знаете добро својот оркестар, кога им верувате. Секојпат кога ќе излезам на сцена знам дека мојот оркестар ја знае својата работа мошне добро. Тоа го знам од фактот дека имам многубројни проби со нив, четири-пет пати веќе сме пробале и тие се подготвени. Многу малку пати во мојот живот сум се нашол во ситуација да не сум сигурен што ќе се случи вечерта. Многу малку случаи биле тоа. Некогаш со екстремно тешки модерни композиции се случува тоа и тогаш давам максимум од себе, правам најдобро што можам, а и тие исто.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.