Мислам дека наградата „Роман на годината“ дојде во вистинското време, како и сè друго што доаѓа во животот. Се радувам за романот затоа што на овој начин ќе стигне и во рацете на некои читатели и читателки кои можеби поинаку не би го прочитале, вели во интервју за „Република“ македонската писателка и поетса Лидија Димковска, годинашна добитничка на наградата „Роман на годината“ за  2023 година која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Единствен матичен број“ во издание на „ТРИ“ на Димковска беше избран за најдобар во конкуренција на 36 романи, а како што се пошегува Димковска на прогласувањето на наградата тоа е трета среќа, бидејќи нејзините претходни романи „Скриена камера“ и „Резервен живот“ беа во најтесната конкуренција за наградата, а „Но-Уи“ во пошироката.

Димковска (52) објавила седум поетски збирки, четири романи, еден дневник и една збирка раскази, преведени на бројни јазици. Уредила и четири антологии. Добитничка е на наградата за дебитантско поетско дело, двапати ја добила наградата за проза „Стaле Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“ и наградата на Европската Унија за литературата за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечкатта „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда за поезија „Наим Фрешери“, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ и други.

Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“, како за поезија, така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“.

Димковска живее во Словенија, преведува од романски и од словенечки јазик на македонски.

Влада Урошевиќ, претседател на жири-комисијата на прогласувањето на наградата „Роман на годината“ фото: Кире Галевски

„Единствен матичен број“ е ваш четврти роман. Колку време ви беше потребно да го напишете?

ДИМКОВСКА: Го напишав за кусо време, но во себе го носев долго, повеќе од една деценија, од мојата прва посета на Кипар кога подетално се запознав со историјата на поделениот остров и кога во мојата свест се роди идејата за можна приказна поврзана со загубата на домот среде инвазијата на Кипар во 1974 година. Уште веднаш знаев дека приказната ќе биде поврзана со македонската реалност, но ми требаше време да осмислам на каков начин да биде раскажана, што да содржи. За разлика од другите романи, „Единствен матичен број“ доживеа повеќе варијанти, а речиси во последен миг избрав поинаков, подиректен почеток од оној што ми беше речиси закоренет од започнувањето на пишувањето на романот. Неколкупати ја сменив и раскажувачката перспектива – од прво во трето лице еднина, па повторно во прво. Со приказната живеев толку долго што и дозволив и сама да се менува, но на крај сепак јас ја ставив последната точка односно извичник.

Што Вам ви е полесно кога пишувате? Истражувањето кое го спроведувате кое може да биде многу напорно и исцрпувачки, или пак самото пишување на романот, оживувањето на ликовите, градењето на приказната? Колку самодисциплина, пожртвуваност и макотрпна работа е потребна да се напише еден роман?

ДИМКОВСКА: За да се напише роман е потребно сето она што и сами го наведовте, но и време – не само за пишувањето туку и за истражувањето, документирањето, фантазирањето, измислувањето, градењето на ликовите уште пред да се преселат на хартија, визуализација на настаните и случките. Насушно потребна е и идентификација со гласот на раскажувачот/раскажувачката, влегување во негова/нејзина кожа и живеење со приказната како да е твоја лична биографија. Само на тој начин приказната станува автентична, единствена и неповторлива, станува лична, а всушност универзална. Степенот на идентификација на читателите со приказната и ликовите покажува дали романот тоа го постигнал или не. Ме радува што моите читатели и читателки ми велат дека приказната ги допрела лично, дека се пронашле во неа.

„Зарем тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме?“ е реченица од роман на Оливера Николова која Вие во „Единствен матичен број“ ја искористивте за мото на романот. Рековте дека ова е вистинско прашање за сите нас?

ДИМКОВСКА: Апсолутно, оваа реченица која Оливера Николова великодушно ми ја подари од нејзиниот извонреден роман „Песот со тажен поглед“ како мото за романот, е прашањето што секој од нас треба да си го постави, и тоа не само еднаш. Од одговорот на ова прашање зависи и потребата да се „фати пустелија“ или не. Никос Аврам никогаш не собрал сила, или напротив, пребрзо си го одговорил ова прашање на внатрешен ескапистички начин, а и останатите ликови во романот секој на свој начин го избрале полесниот, а всушност потежок одговор со последици врз сите засегнати. За Катерина Аврам она што го нема е апсолутна мерка на она што го има, но за да се дојде до спознание е потребно да се помине тежок егзистенцијалистички пат кој може да биде и слепа улица.

На прогласувањето на наградата „Роман на годината“ Ѕвездан Георгиевски рече дека и писателите и издавачите ја сакаат оваа награда. Вам од трет обид ви успеа да ја добиете и тоа токму во годината кога се одбележуваат 25 години од доделувањето на наградата. Дали тоа ве прави посебно горда?

ДИМКОВСКА: Наградата „Роман на годината“ има прекрасна традиција што се надевам дека ќе продолжи и во наредните 25 години. Списокот со наградени романи, но и романи во потесните избори за наградата „Роман на годината“, е список на домашна лектира. Би сакала еден ден да ги видиме и имаме сите наградени романи во посебна едиција, тоа би било богатство за секоја домашна и национална библиотека, но пред се за секоја читателска душа. Среќна сум што токму во годината на овој јубилеј наградата ја доби мојот роман. На прогласувањето на наградата се пошегував дека тоа е моја трета среќа, со оглед на тоа што и „Скриена камера“ и „Резервен живот“ беа во најтесната конкуренција за наградата, а „Но-Уи“ во пошироката. Мислам дека наградата дојде во вистинското време, како и сè друго што доаѓа во животот. Се радувам за романот затоа што на овој начин ќе стигне и во рацете на некои читатели и читателки кои можеби поинаку не би го прочитале.

фото: Кире Галевски

Со години живеете надовор од Македонија, веќе 20 годинии сте во Словенија, живеевте и работевте во Романија. Дали тоа живеење во странство ви помага од дистанца да го погледнете животот во Македонија и толку реално да го прикажете во Вашите романи?

ДИМКОВСКА: Да, апсолутно. Од далеку подобро се гледа, птичјата перспектива нуди поширока перспектива како огромна трпеза на настани, случки, луѓе, на минато и сегашност, на реалност и на заумност. Но гледам и од блиску, преку допирот меѓу кожата и душата, меморијата и миговноста. Секогаш кога сум во Македонија, а често сум, ги впивам како сунѓер сите детали на живеењето, на местата, на луѓето, гледам и слушам, набљудувам и забележувам, поврзувам и разделувам, во мене се слеваат емоции и сознанија, слики и звуци, зборови и движења. Оддалеченоста при пишувањето помага да се доближиш суштински, егзистенцијално и да го видиш и она што можеби не си сакал да го забележиш или рутината на погледот едноставно го пренебрегнала од своето видно поле.

Промоцијата на „Единствен матичен број“ се одржа летото, лани во август, кога беше актуелно закажувањето за нови лични документи поради промена на името на државата, па така некако се совпаднаа и промоцијата и пасошите и личните карти. Март е, поминаа осум месеци од тогаш, а ние уште сме заглавени, без пасоши и без можност за патување во странство. Како Вие би го коментирале она што се случува?

ДИМКОВСКА: Пред еден месец во книжарницата ТРИ во Градскиот трговски центар во Скопје имав средба со читателите што организаторот ја нарече „Закажи термин за ЕМБГ“. Беше духовито, но и мошне реално. Страшно е тоа што граѓаните останаа заглавени без лични документи и за тоа никој не понесе одговорност – толку типично за македонските власти. Колку ми е срам понекогаш од вакви нешта особено кога за нив ќе прочитам во странските медиуми! Се прашувам, дали треба се да се прави во последен миг, дали на органите не им паѓа на памет да почнат навреме, и зошто се случува тоа? Да не заборавиме дека во Македонија живеат и луѓе без ЕМБГ, не само без нови лични документи.

Етиката и естетиката во вашите дела, не само во романите, туку и во поезијата која ја пишувате велите дека ви се многу важни, се надополнуваат.

ДИМКОВСКА: Да, не верувам само во естетската функција на книжевноста и воопшто, уметноста. Не верувам ни дека уметноста треба да биде морализатор, проповедник или политички коректор. Верувам дека естетската и етичката димензија на книжевноста доаѓаат до израз тогаш кога тие се иманентни особини на самото човечко битие на авторот/авторката. Книжевноста зазема став, но со поинакви средства од идеологијата, политиката, образованието. Ставот што е етичка категорија кога го зазема книжевноста станува естетски запис, станува убаво и добро во исто време, со сите нивни варијанти. Најчесто пишувам за грди и лоши нешта, но токму тие, како етички парадигми, се убавото и доброто во естетска смисла. Верувам во книжевноста како во ангажирана поетика тогаш кога она што го пишувам е во дослух со моите сопствени гледишта, мисли, чувства. Верувам во емпатијата на книжевноста.

Машки или женски ликови? Кои повеќе ги сакате? Кои ви се потешки да ги опишете во романите?

ДИМКОВСКА: Кога го пишував „Единствен матичен број“ размислував да го напишам од машка перспектива, но по некое време сфатив дека е подобро и овојпат да и го препуштам гласот на раскажувачка, на нараторка на која ќе можам и сама да и помогнам да се изрази затоа што едноставно подобро го познавам светогледот на женскиот лик. Да се пошегувам – да ја раскажеше приказната Никос Аврам најверојатно романот ќе беше прекус дури и за расказ бидејќи тој како лик главно молчи. И го препуштив раскажувањето на Катерина во чиј лик можев да внесам многу и од своите размислувања и чувства, генерациски ми е поблиска од останатите ликови, можев полесно да го опишам нејзиниот живот низ координатите на Скопје, Бристол, Лондон и Вароша, и секако, низ нејзините душевни и духовни координати во потрагата по идентитетот на татко и, но и на сопствениот. Но и кога пишувам за машки ликови најважно ми е да влезам под кожата на ликот, да живеам и чувствувам како него, да го запознаам неговото битие од сите можни аспекти и да се идентификувам со него. А ако јас се идентификувам со ликот, не може да не се идентификуваат со него и читателите на романот. Писателот е прв познавач и не само творец на своите ликови, и секако, прв читател на своите дела.

Верувам во емпатијата на книжевноста, вели Димковска фото: Кире Галевски

Каква е иднината на македонската проза и поезија? Што мислите за новиот бран македонски автори? Дали е светла иднината на македонската литература, посебно во време на вештачка интелигенција и општ пад на македонското образование?

ДИМКОВСКА: Вештачката интелигенција ми е се уште туѓа за да размислувам за неа, но падот на образованието е реален и ме наведува да се запрашам какви ќе бидат идните писатели и писателки. Дали ќе пишуваат само со своите (дигитални) пера, овде и сега, или и низ нив ќе се провлече сето она што го прочитале, научиле, осознале, прифатиле, отфрлиле? Литературата се пишува и со рацете на нашите предци, не само македонски туку и светски, сето она што сум го прочитала на мојот животен пат, заумно или реално заедничари со моето лично писмо. Мене во литературата ме интересираат тешките теми на животот, смртта, миграциите, домот, идентитетот, геополитичките случувања и сè уште не знам, а можеби и подобро, за нив да пишувам на лесен, игрив начин. Можеби затоа што припаѓам на „старата школа на раскажувањето“, како што еднаш Дубравка Угрешиќ го нарече моето книжевно писмо, во позитивна смисла на зборот, Она што го забележувам, и не само кај поновата македонска литература туку во глобални рамки, е појавата на полесни, поп-елементи кои ја прават литературата подостапна до поширок круг на читатели, лекото бришење на границите меѓу тривијалната и вистинската книжевност. Тоа е тренд кој во светски рамки се повеќе ги полни листите на најчитани книги и уредничките политики, но за среќа денес имаме и толку добри, сериозни автори и авторки што секој може да избере четиво за себе. Забележувам дека понекогаш не ми се допаѓаат книги кои на повеќето читатели им се допаѓаат или обратно, но класиците за мене апсолутно го имаат положено испитот на вечноста. Македонската проза и поезија си има свои вистински и свои не толку вистински книжевни вредности, а велат дека судот на времето ќе одлучи што ќе остане, а што нема. Пред сè од сегашноста зависи рецепцијата на македонската книжевност во иднина. Затоа посакувам да ја има македонската книжевност се повеќе на светските полици на книжевноста, рамноправна со останатите книжевности, бидејќи тоа во голема мера и го заслужува.

Лидија, посакувате ли Вие некогаш да фатите пустелија?

ДИМКОВСКА: Ох, секако, како и секој од нас. А вие?

Разговараше: Александра М. Бундалелвска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.