Уште едно признание за „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – ја освои Наградата на публиката на Филмскиот фестивал во Тирана. Најновиот филм на Манчевски минатата недела го отвори Тиранскиот фестивал, а режисерот беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија. Манчевски одржа и мастерклас на Фестивалот.

Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија.

Во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.

Во октомври следува премиерата на „Кајмак“ и во Амстердам, а филмот продолжува и со фестивалскиот живот низ светот.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.