Tематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, беше промовирана синоќа во рамки на „Струшките вечери на поезијата“, во Центарот за култура „Браќа Миладиновсци“ во Струга.

Антологијата содржи 250 песни од македонски и странски поети, а сите ги обединува врската со музиката. Книгата ја приреди македонскиот поет, раскажувач, есеист, теоретичар и преведувач Владимир Мартиновски. На корицата е дело од Димитар Кондовски.

Историјатот на фестивалот „Струшките вечери на поезијата“, чијашто химна, патем кажано, е токму „Т’га за југ“ е силно сведоштво дека и во современата (македонска и светска) поезија музиката останува неразделна од поетскиот чин. Песните на венценосците Окуџава, Ајги и Алберти, Енцесбергер, Адонис и Загајевски, Морехон, Атвуд и Ен Дафи, Сенгор, Конески и Гинзберг, Матевски, Пачеко и Ко Ун, Мервин, Симиќ и Ор, Левчев, Павловиќ и Транстромер, сè до поезијата на годинешниот лауреат Шунтаро Таникава, се најдобра поткрепа за аксиомата дека поезијата и музиката се „неразделни уметности“. Оттука, за да го доловиме присуството на музичкиот топос во современата македонска и светска поезија, доминантниот дел од лирскиот корпус на овој тематски избор од 250 песни го сочинуваат токму песни на добитниците на наградите „Златен венец” и „Браќа Миладиновци”, како и на голем број учесници на СВП. Се надевам дека овој тематски избор ќе го поттикне вашето љубопитство за големата, примордијална и вечно жива врска меѓу поезијата и музиката, истакна приредувачот Мартиновски.

Антологијата е приредена специјално за 61. издание на „Струшките вечери на поезијата“, кои годинава се одржуваат под мотото „Ритамот на стихот, ритамот на животот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.