На 3 и 4 септември во охридско-струшкиот регион ќе се одржи Бела ноќ во организација на локалните самоуправи на двата града и маркетинг агенцијата „Еуростеп“. Боби Јанкоски, претставник од „Еуростеп“ најави 40- тина часа забава на плажите и во дискотеките од Свети Наум до Радожда.

Забавата ќе почне околу пладне на 3 септември и ќе трае до вечерните часови на 4 септември. Музички бендови и познати светски диџеи ќе ги забавуваат гостите на плажите и дискотеките од Свети Наум до Радожда, истакна Јанкоски.

Во овие два дена, според него, во државата се очекува да пристигнат околу 100 000 туристи, кои освен на ривиерата ќе имаат можност да претстојуваат и во други градови.

Сите тие 100 000 туристи што ќе пристигнат во Македонија, на 3 и 4 септември ќе бидат во охридско – струшкиот регион. Целта е да направиме промоција на државата, која ќе донесе многу бенефити и преку фотографиите што ги прикачуваат на социјалните мрежи светот ќе има можност да ја запознае Македонија, додаде Јанкоски.

На Белата ноќ, според него, и претходи туристички саем во Охрид на 30 април и 1 мај, а дел од организацијата на „Еуростеп“ е и бизнис саемот на риби и рибарство што на 11 и 12 јуни треба да се одржи во Струга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.