„Драми на принцезите“ во режија на Словенката Жива Бизовичар премиерно вечерва ќе се изведе на сцената во Драмскиот театар Скопје (20 часот). Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска.

Во претставата играат: Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.

Драмски театар со „Драми за принцезите“ нуди нова естетика и публиката ќе има можност да проследи нешто што можеби во многу мала мера е присутно на македонската театарска сцена, беше кажано на средбата со новинарите. Ова е трета премиера годинава во Драмски театар, а директорот Робер Вељановски вели дека ќе се обидат да направат уште една претстава до крајот на годината и тоа од сопствени средства.

Циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“, нобеловката Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст.

Претставата ја отвора Јелена Жугиќ, која го толкува ликот на Снежана и нејзина партнерка на сцената е Елзесар, која го толкува ликот на ловецот.

Сега сме три или четири генерации на актерки, се створи една симбиоза и повразност меѓу нас и тоа е клучно за претставата да е тоа што е – нашата повразаност, нашиот емотивен влог. Па и нека прозвучам феминистички, зошто да не, текстот има една таква значајна нишка. Жената кога е сама е немоќна, меѓутоа кога ќе се спои со жена којашто поддржува друга жена – е тоа е моќ. Моќ што руши ѕидови. Не секогаш полните сали значат успешна претстава. Се надевам дека оваа претстава ќе има живот надвор од Македонија, онаму каде што сега овој начин на поставување на театар е во трка и во игра. Се е на ниво на симболи и се надевам дека јазикот ќе биде препознатлив, приказната ќе допре и дека ќе се бара карта повеќе, вели Жугиќ пред премиерата, која по пауза од 20 години повторно игра во „женска“ престава.

Билјана Драгичевиќ Пројковска ја глуми Трнорушка, која ќе се боцне на трн од роза и се буди во еден необичен свет. Нејзина партенрка е Сара Климоска која го толкува ликот на младиот принц. Вели дека нивната сцена многу кореспондира со денешното општество.

Многу е тешко да се разбудиш, да не знаеш кој ќе те бакне, да не знаеш која ќе бидеш ти кога ќе се разбудиш, вели за својот лик Драгичевиќ Пројковска.

Единствениот монолог во преставата го има Трајанка Илиева-Вељиќ, која го толкува ликот на Џеки (Оназис)

Џеки е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува.

Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, играат Павлаковиќ и Василева кои ги гумат Силвија Плат и Ингеборг Бахман, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот.

Освен режисерката во уметничкиот тим што работеше на претставата е екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Прв драматург е Ник Жнидаршиќ, а втор драматург и редакцијата на превод е на Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимограф е Александар Ношпал, а дизајнот на светло се на Бизовичар, Крмељ и Жнидаршиќ.

Следните изведби, по премиерата се на 19 и на 23 ноември.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.