Александар Котевски од неодамна е назначен за в.д директор на Македонската филхармонија.
Во неговата биографија стои дека е вработен во Филхармонија како прв виолончелист во оркестарот во 2015 година, а во периодот од 2011 до 2014 работел како Уметнички директор на Македонската Опера. Со ансамблот на Операта во 2013 година ја организира и реализира турнеjата во Индонезија каде настапиле во светски познатата сала “Aula Simphony” и во салата на храмот “Tzu Chi” каде што концертот се пренесуваше на директен телевизиски пренос пред 50 милиони гледачи. На тој донаторски концерт се собраа над 350.000 евра за настраданите во цунамито во Филипините.
Котевски бил редовен член на оркестарот на Музичка младина на Македонија, Македонска Филхармонија и нејзиниот камерен оркестар, Меѓународниот оркестар во Сараево, Дубровничкиот Симфониски оркестар. Како член на повеќе оркестри и состави настапувал во: Хрватска, Германија, Австрија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија, Индонезија, Шпанија, Америка, Кина, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Казакстан итн.
Во пресрет на новата концертна сезона и одбележувањето на значајниот јубилеј-80 години постоење на Македонската филхармонија разговаравме со Котевски за предвидените настани, свечености, гостувања…како и за предизвиците кои им претстојат во периодот што следува.

Новата концертна сезона на Македонската филхармонија почнува на 10 октомври. Вие сте на чело на најстарата културна институција во земјава која годинава одбележува значаен јубилеј- 80 години постоење. Со што ќе ја најавите сезоната?

Во годината во која нашата институција ќе прослави 80-годишен јубилеј од формирањето како музички колектив, најстар во земјата, оркестарот на Македонската филхармонија ќе се претстави со разновидна и внимателно одбрана програма. Новата концертна сезона 2024-2025 е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите во новата сезона се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. Осум децении нашиот оркестар го презентира симфониското музицирање на највисоко ниво, преку изведба на капитални музички дела кои претставуваат алфа и омега во класичната литература. И оваа сезона која има посебно значење на нас, на публиката ќе и понудиме врвни концертни доживувања.
Концертната сезона „Одисеја“ започнува на 10 октомври со концертот насловен „Го славиме Јубилејот” на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел. Премиерно ќе се изведе и дело од македонски автор кое ќе биде избрано на конкурсот за нарачка на композиции кој го објави нашата институција во мај оваа година. На програмата е и премиерна изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар од Ерих Корнголд и Симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски.

Како е предвидено да се одбележи јубилејот? Најавени се концертите „Го славиме јубилејот“, „Озвучени емоции“, „Пијанизам хеоризам“, „Моцартовите перипетии“, „Наостри ги сетилата“… Што донесуваат овие настани?

Изборот на програмски решенија како и диригенти и солисти до декември 2024 година се одбрани од претходните раководни лица на институцијата и во интерес на времето и трудот кои се вложени, целосно се прифатени и потврдени. На сцената ќе продефилираат уникатни индивидуалци како што се: пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева од Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025-та ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт. Целосната програма на концертната сезона „Одисеја“ до јуни 2025 година наскоро ќе ја објавиме и во каталог и на нашата веб страница за публиката да може подобро да се запознае со настаните кои не очекуваат во јубилејната сезона.

Дали концертот „80 години- љубов“ ќе биде кулминација на настаните од годината во која славите? Што донесува овој настан?

Апсолутно дека концертот на 28 ноември, насловен „80 години- Љубов“ ќе биде кулминација на концертите до крајот на 2024 година. На овој настан ќе го прославиме нашето осумдесетгодишно постоење и делување како една од најстарите културни установи и најстар симфониски оркестар во државата.
Имено, на 24 ноември 1944 година во домот на маестро Тодор Скаловски на улица „Крушовска бр.27“ е одржан првиот состанок на група музичари, чија цел била да се формира првиот македонски Државен симфониски оркестар. Од тогаш, се до денес со овој оркестар настапиле плејада македонски диригенти, солисти, симфониски музичари, гости солисти и диригенти од странство. Несомнено, Македонска филхармонија претставува главно културно јадро и мотив за македонските композитори да ја ослободат својата креативност и талент и да ги преточат во нотен текст, преку дела кои токму нашиот оркестар ќе ги изведе премиерно. Оваа сезона ќе изведеме повеќе дела од домашни автори, дел од нив премиерно, преку конкурсот кој го распиша нашата инстититуција, но и дела од Зографски, Николовски, Тошевски, композитори кои со своето творештво оставиле траен белег во историјата на современата македонска музика.
Во таа насока, на роденденскиот концерт на 28 ноември, премиерно ќе биде изведено дело од македонски композитор, а како солист ќе настапи нашиот добро познат пијанист Симон Трпчески под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски.

фото: Архива на Филхармонија

Како уметнички директор на Македонската опера во 2013 година ја организиравте турнеjата во Индонезија каде македонските уметници настапија во светски познатата сала “Aula Simphony” и во салата на храмот„Tzu Chi”, а концертот преку директен телевизиски пренос го видоа 50 милиони гледачи. Дали има најава за гостувања и на Македонската филхармонија?

Веднаш по моето назначување за в.д. директор на Филхармонија, ги контактирав моите драги колеги од Дубровничкиот симфониски оркестар на чело со директорот г-динот Слободан Бегич. Контактите и одличната долгогодишна соработка со нив започнаа уште од 2003 година, во периодот кога бев член на нивниот оркестар како прв виолончелист. Исто така, минатата година во истиот простор остваривме врвно концертно доживување на кој се претстави нашата позната македонска пијанистка Марија Ѓошевска. На наше взаемно задоволство, повторно договориме гостување на 26 септември на кое Македонската Филхармонија во скратен состав ќе настапи на сцената на „Кнежев двор“ во Дубровник. Како солистка ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман под диригентската палка на нашиот маестро Борјан Цанев. Секако, во иднина ќе следуваат и други гостувања на нашиот оркестар за кои навремено ќе бидете информирани.

По заокружувањето на годината, која по многу настани во Македонската филхармонија ќе остане забележана во културната јавност, се подготвува ли програмата за 2025-та? Имате ли веќе некакви првични контури затоа како ќе изгледа следната сезона?

Нашите сезони, како и на сите останати симфониски оркестри во светот се пренесуваат од една во друга година. И сезоната 2024-2025 започнува во октомври, а ќе финишира во јуни. Предлог програмата до крајот на 2025 година веќе беше поднесена во Министерство за култура и туризам од претходната в.д директорка, почитуваната Ангелина Миташева – Димовска. Таа заедно со нашиот шеф диригент Маестро Јерухам Шаровски и уметничкиот совет ја осмислија, разработија и одредија еден програмски правец во кој ќе се движиме. Секако дека таа верзија ќе има неколку промени и доработки во текот на наредниот период. Можам само да најавам дека славејќи го нашиот 80 годишен јубилеј до крајот на 2025 година, меѓу гости солисти и диригенти од странство, повеќе акцент ќе се стави на македонските диригенти и изведувачи.

На местото директор на Македонската филхармонија доаѓате од редот на музичарите – бевте вработен како прв виолончелист и одвнатре ја знаете структурата и состојбите во институцијата. Какви се Вашите планови за во иднина? Каде ја гледате Македонската филхармонија во следниве години?

Моите почетоци како хонорарен соработник – виолончелист во Македонска филхармонија се уште од далечната 1999 година, со прекини за време на работењето во Дубровничкиот симфониски оркестар 2003-2007 како прв виолончелист, па потоа како прв виолончелист 2007-2011 во Македонска Опера и Балет, Уметнички директор на Опера 2011-2014 и конечно враќајки се 2015 година како прв виолончелист во нашиот оркестар. Добро ги познавам моите колеги и сведок сум на сите случувања во изминатиот период. Мојата мисија и визија за нашата институција, се насочени кон најважното нешто според мене, а тоа е таа конечно да почне да плови во мирни и креативни води. Да ја креира и презентира на највисоко ниво нашата главна дејност изведување на симфониска музика со можност минимум еднаш во годината да се изведува и големо вокално-инструментално дело. Да ја анимираме и ја привлечеме нашата најмлада публика преку редовни изведби на детски концерти. Преку интересни програмски концепти да ја брануваме и публиката на отворено на нашите концерти во парк, но главниот фокус е уште повеќе да прераснеме во културен центар во регионот преку изведба на квалитетно одбрана програма од старите мајстори: Бах, Хајдн, Моцарт, Бетовен па се до нашите современици и привлекување на светски познати солисти се со цел програмски и квалитативен развој на нашиот оркестар. Секако, акцент ќе дадеме и на збогатување на нашите камерни концерти, рециталите во малата сала, а исто така и меѓународно претставување на нашиот оркестар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.