Во Кинотеката на Македонија денеска беше промовиран блуреј (bluray) дискот со дигитално реставрираната верзија на филмот „Мирно лето“ на Димитрие Рули Османли. Ова е прво блуреј издание на македонски филм.
Ова е една од најесенцијалните задачи и функции на Кинотеката -зачувување на нашето филмско наследство. „Мирно лето“ е една од ретките комедии во нашата филмска национална продукција. Таа е прва и затоа е толку значајна. И посебна радост ни е да си ги чуваме оние кои ги имаме, истакна Петар Волнаровски.
Кинотеката минатата година ја реализираше дигиталната реставрација на првата македонска филмска комедија МИРНО ЛЕТО. Главните улоги ги толкуваат Љупка Џундева и Слободан Перовиќ, како Дара и Заре. Актерскиот ансамбл го сочинуваат Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.
„Мирно лето“ е еден од класиците на македонската кинематографија. Значен е по тоа што е прв македонски филм снимен од домашен македонски режисер. Прв пат дипломиран македонски режисер, Димитрие Рули Османли добил можност да сними филм и тоа на современа тема. Сценариото го напишала во тоа време познатата сценаристка Фејда Филиповиќ, а режисерот Османли заедно со Коле Чашуле работеле на адаптација на сценариото. Интересен е фактот дека филмот не бил предвиден да се сними таа 1961 година, туку „Солунските атентарори“, но Жика Митровиќ ќе успеал во подготовките за филмот и на тој начин „Мирно лето“ добил виза за снимање, раскажа во своето видео обраќање Атанас Чупоски, кој се наврати на снимањето кое се одвивало во Охрид и во сајмиштето во Скопје.
Димитрие Османли (Битола, 1927 – Скопје, 2006) филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог; филмска и театарска режија завршува 1952/53 година на Високата филмска школа во Белград, како прв македонски студент, а постдипломски студии 1961/62 година на Институтот за високи кинематографски студии во Париз. Долги години работи како театарски, телевизиски и филмски режисер, и професор на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации млади актери. Покрај четирите играни филмови, има снимено околу петнаесетина документарни филмови и повеќе од дваесет телевизиски остварувања.
Режисерот сигурно ќе беше воодушевен од ова ново достигнување на Кинотеката за неговиот филм. Тој, за жал, повеќе не е меѓу нас, но присутен е преку неговиот филм, рече Томислав Османли, синот на режисерот Димитар Османли, кој меѓу другото сподели и неколку анегдоти од снимањето на овој култен филм кои ги памети од раскажувањето на неговиот татко.
Промоцијата на новата дигитална верзија на филмот, по повод 60-годишнината од неговата премиера во 1961, се случи на летната кинотечна сцена, која е наречена токму според филмот МИРНО ЛЕТО, како македонски дел од проектот „Сезона на класични филмови“ (Season of Classic Films), кој од 2020 година се организира од страна на Асоцијацијата на европски архиви ACE (франц: Association des Cinémathèques Européennes – ACE; анг: Association of European Cinematheques), каде што Кинотеката е членка уште од 1998 година.
Филмот МИРНО ЛЕТО нема целосни оригинални негативи, туку само позитив 35-мм копии кои останале од кино-дистрибуцијата во минатото, кои денес не се технички соодветни за проекции. Затоа тимот на Кинотеката – Игор Старделов, филмолог-советник и раководител на Архивот, Александар Трајковски, филмолог и Тихомир Кашмицовски, филмски техничар – го надгледуваа процесот на скенирање на интернегативи во 2К-резолуција, кои беа обработени од лабораторијата „Клик филм“ во Загреб, Хрватска. Звукот исто така беше дигитално обновен и завршен е новиот 2K мастер, од кој сега се достапни DCP и други дигитални верзии за прикажување и архивирање.
Александар Тајковски и Тихомир Кашмицовски го претставија на процесот на работа.
Работата претставуваше огромно задоволство со огледа на значењето на овој филм и оттука и нашиот пристап. Филмот е целосно работен во услови на пандемија во лабораторијата за реставрација и иако беше малку повеќе тешко од технички аспект мислам дека на крајот добивме добар резултат, рече Трајковски, кој посочи дека станува збор за прилично стар материјал, неколку месечната работа довела до максимумот што можел да се извлече.
Звукот исто така беше дигитално обновен и завршен е новиот 2K мастер, од кој сега се достапни DCP и други дигитални верзии за прикажување и архивирање.
Беше предизвик да се работи во услови на пандемија, се соочувавме со безброј предизвици, како овде во Скопје, така и со колегите од Загреб. Работевме без физичко присуство, работа во време на полициски час, некој ќе заболи па чекавме за да продолжиме со работа…Безброј пати го изгледавме филмот и постојано наоѓавме детели кои може да се подобрат, рече Кашмицовски кој најави и нови изданија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.