Една од најголемите југословенски актерки Мирјана Карановиќ, на 3 март, во Македонска филхармонија, ќе го отелотвори ликот на контроверзната германска „femme fatale“,  холивудската глумица, пејачка и активистка, Марлен Дитрих. Оваа претстава насловена „Марлен Дитрих – Пет точки од обвинението“ (Marlene Dietrich – Pet tačaka optužnice), во режија на Харис Пасовиќ, еден од највлијателните драматурзи и режисери во Југоисточна Европа, ја имаше својата меѓународна премиера на италијанскиот фестивал „Mittelfest“.

Покрај Мирјана Карановиќ во главната улога, останатиот дел од актерската екипа го сочинуваат: Мона Муратовиќ, Елмир Кривалиќ и Енес Салковиќ.

„Никогаш, ниту во моите соништа не очекував да го играм ликот на Марлен Дитрих. Пред тоа јас и Харис работевме на „Мефисто“ во Нови Сад и јас го играв Хитлер, а таа маска беше многу убедлива. Кон крајот на работата на таа претстава ми кажа дека сака да ја глумам Марлен, а јас се смеев со тие хитлерови мустаќи и не можев да верувам. Сепак, актерката во мене сака такви предизвици, беше некако неочекувано, а потоа се случи. Бев малку исплашена затоа што одамна ја обожавам – таа е мит“, изјави Карановиќ на една од прес-конференциите за босанските медиуми на која беше најавена претставата.

Таа додаде дека размислувала како да глуми таквата личност.

„Не личам на Марлен и не знаев како да го најдам тоа во себе. Сè што знаев за неа беше од филмовите. Знаев некаде дека е тоа нејзината изведба. Ме интересираше која е таа зад сето тоа и открив дека зад сите гласишта стои храбра жена со која можам да се поврзам. Некој на кој навистина не му е грижа што мислат другите за неа и некој на кој не му е грижа за конвенциите“, додаде Карановиќ.

Режисерот Пашовиќ, пак, посочи дека Марлен Дитрих била повеќе од филмска ѕвезда…

„Таа беше мит. Една многу необична жена, многу посебна, која секогаш правеше неконвенционални избори во својот живот, честопати ризикувајќи ја реакцијата на оние околу неа – било да е тоа приватна, професионална или реакција во својата татковина. Напишав драма за имагинарното судење на Марлен Дитрих, во кое таа беше обвинета за нејзиниот начин на живот; нејзините неортодоксни погледи за бракот и семејството; нејзината независна природа; нејзиниот еротизам и нејзиното учество во американската армија за време на Втората светска војна“, посочи Пашовиќ.

Како што истакна во драмата, тројца млади обвинители, една жена и двајца мажи, ја обвинуваат Марлен дека не е доволно патриотка, дека не е добра мајка, дека има вонбрачни афери и дека ја предала својата земја. Станува збор за сериозни обвинувања и наведуваат примери од нејзиниот живот кои го поддржуваат, според нив, ова обвинување. Одговара Марлен Дитерих, а од нејзините одговори гледаме колку е сложен животот и колку е погрешно луѓето да се мерат по стереотипи и да се сведуваат на површни проценки. Гледаме сложен живот и паметна жена чиј морал не се мери според бројот на љубовници, туку според нејзините човечки постапки…

„Таа била праведна жена; која не трпела глупост. Била романтична и голем, голем борец за мир. Живеела до својата 91 година. Често им се јавувала на светските политичари по телефон и разговарала со нив. Мислам дека се обидувала да влијае на нивната политика, и била многу среќна кога францускиот претседател Франсоа Митеран и соопштил дека Берлинскиот ѕид ќе падне. Мислам дека и денес би ја искористила својата слава и влијание за да придонесе за мирот и правдата…“, додал меѓу другото Пашовиќ.

Интересно е и тоа што таа била првата личност која јавно зборувала германски во Израел, бидејќи тоа беше забрането. Но, израелската публика ја сакала толку многу што гледачите ја замолиле да ја отпее познатата песна „Лили Марлен“ на германски за време на концертот. Имала подготвено и песна на хебрејски.

„Уметноста не може да биде удобна и сигурна. Ако си уметник, мораш да се изложуваш, да одиш подалеку од другите. Марлен Дитрих беше таков уметник.

А, таква е и оваа претстава“, се вели во најавата на претставата.

Влезниците се во продажба од денес (5 февруари) онлајн на ticketx.mk и во продажната мрежа на ticketx низ Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.