Министерството за култура ги стопира парите за „Џој фест“ во Крива Паланка, бидејќи организаторот не кажал оти ќе пее Аца Лука, како што објавија медиумите.

Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест” од Крива Паланка, ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбо-фолк пејач од Србија, се вели во реакцијата на Министерството за култура.

Популарниот српски турбо-фолкер Аца Лукас доаѓа во Крива Паланка на 28-ми август и ќе има концерт во склоп на фестивалот Џој фест 2022. Истата вечер на сцената ќе се појават и Црвена Јабука и диџеј Гоце, а пак вечерта пред тоа, на 27-ми август, ќе настапат Каролина Гочева, Бени и „Нон Стоп“ и „Брас Брадрс“.

Ова е деветто издание на Фестивалот, кој имаше две години пауза поради пандемијата со коронавирусот. Претходно, на Фестивалот гостуваа Влатко Стефановски, „Ареа“, „Ван Гог“, „Рибља Чорба“, „Студени нозе“, „Нокаут“, Бајага и Инструктори, Ален Исламовиќ и други.

Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, велат од Министерството за култура.

Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни, дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.

„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура на Македонија, како и останати поддржувачи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.