Oткако Агенцијата за филм информираше за поднесената кривична пријава против Милчо Манчевски, денеска со реакција се јави и „Банана филм“ кои во писмениот демант велат дека ја пријавиле Агенцијата за филм за корупција, која им поднела кривична пријава иако инспекцијата заклучила дека продуцентот „Банана филм“ работел чесно.

Од Министерството за култура, пак велат дека „до Секторот за управен и инспекциски надзор во Министерството за култура била поднесена Иницијативата од Агенцијата за филм на РСМ, Скопје, со барање за вршење вонреден инспекциски надзор во Друштвото за филмска продукција Банана филм ДООЕЛ – Скопје за реализацијата на филмските проекти „Мајки“ и „Врба“, во режија на Милчо Манчевски“.

Во однос на реализацијата на проектот „Врба“, од страна на инспектор за култура е извршен вонреден инспекциски надзор во Банана филм – Скопје, од аспект на Законот за филмската дејност, за што е составен Записник ИП 1 бр. 56-27 од 04.04.2023 г., со којшто, во делот од наводите во Иницијативата, не е утврдено ненаменско користење на средствата или користење на средствата добиени од Агенцијата за филм спротивно на Договорот, од причини што корисникот на средствата се придржувал кон Финансискиот и оперативен план за реализација на проектот, како составен дел од Договорот.

Додека во однос на филмскиот проект ,,Мајки“ (за којшто поранешната НУ Филмски фонд, Скопје, во 2009 г. склучила Догoвор за финансирање со Банана филм – Скопје), Агенцијата за филм е известена дека не постои основа да биде извршен инспекциски надзор врз основа на Законот за филмски фонд на РМ, имајќи предвид дека Законот не е во сила, односно престанал да важи уште од 1 јануари 2014 г., со денот на применувањето на постојниот Закон за филмската дејност.

Со оглед на тоа што во Иницијативата од Агенцијата за филм, меѓу другото, е наведено дека од страна на Агенцијата „констатирани се пропусти, незаконитости и неисполнети обврски за филмскиот проект „Мајки“ од страна на продуцентот, кои се од важност за сите други проекти кои овој продуцент ги реализирал со правниот следбеник на Филмскиот фонд на РМ, сега АФ“, инспекторот за култура немал основа да врши инспекциски надзор за реализација на филмскиот проект „Мајки“, Записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор, заедно со Иницијативата од Агенцијата за филм, се доставени до Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција, на запознавање и евентуално натамошно постапување доколку Управата процени дека има основа за тоа, велат од Министерство за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.