Вработените во НУ Библиотека „Кочо Рацин“-Тетово ја демантираат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека се согласиле да се преселат во новите простории. Тие повторно потенцираат дека им е наложено од Министерството да се преместат во помали простории.

После изјавата на министерката за култура, НУ Библиотека „Кочо Рацин“-Тетово демантира дека ние наводно сме се сложиле за преселувањето на Библиотеката во новите простории, уште повеќе дека Министерството за култура никогаш ни нема пратено писмено известување за да бара наше мислење за преселување. Напротив, вработените и Управниот Одбор се со исто мислење дека просториите каде што треба да се преселиме имаат полоши услови од сегашните и не ги исполнуваат условите за нормално функционирање на библиотеката. Исто така, просториите каде што се планира преселувањето се помали од сегашните, се вели во соопштението на вработените во библиотеката „Кочо Рацин“.

Министерката вчера рече дека од 460 квадратни метри се преместува во други 460 метри, но од библиотеката потенцираат дека досега имале 156 квадрати, а добиваат нови простории со 148 квадратни метри од кои 13 се ходници.

Одлуката за напуштање на просториите во рок од 15 дена стигнато ни е од Центар за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово на 07.09.2023, додека на 12.09.2023 имаме и писмена реакција пратено до Министерството за култура, Владата на РС Македонија и до Центар за култура, со известување дека условите каде што треба да се пресели библиотеката не се соодветни. Исто така е побарано да се формира комисија и да се направи увид на просториите со цел да се избегне ситуацијата да не можеме да ги преместиме книгите и истите наместо да се користат од страна на читателите да завршат во пакети, се вели во дописот од НУ Библиотека „Кочо Рацин“-Тетово.

Според сознанијата на вработените, Владата, местото од библиотеката сака да го отстапи на Делегацијата на Европската унија.

На вчерашната прес-конференција министерката рече дека виблиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово само ги менува просториите во рамките на истата институција, односно останува во тетовскиот Центар за култура.

Значи дека само од едни 460, ако не се лажам, метри квадратни се преместува во други 460 метри квадратни, што значи дека функционирањето на библиотеката воопшто не е доведено во никаква опасност, рече Костадиновска-Стојчевска.

До неа, како што нагласи, немаат пристигнато никакви реакции, ниту од вработените, ниту од директорката.

Напротив, ова беше направено со нивна согласност. Кога ќе се преместат во новите 460 метри квадратни, во истата институција каде што се, таму ќе се направат потребните реновирања, доколку има потреба, за да се адаптира тој простор. Тоа ќе се направи со многу голема брзина за да не се загрози, да не се доведеме во ситуација библиотеката да не работи, децидна беше министерката.

Според Костадиновска-Стојчевска, ова од никогаш не била крајната дестинација на библиотеката.

Таа ќе биде сместена во новиот објект што се гради, што со одлука на Влада е проектирано дека треба да се заврши во 2027 година, за што се изделени 39 милиони евра, каде што во нова зграда ќе бидат сместени и библиотеката во Тетово и театарот. Што значи дека до финализирање на тој објект, во Центар за култура ќе функционира како и досега, непречено, истакна министерката, одговарајќи на новинарски прашања.

Таа додаде дека библиотеката ќе се премести на друга страна во самиот Центар за култура.

Не е точно дека таму нема да можат да функционираат. Се работи за простор што е уште поосовременет. Тој простор досега го користеше Универзитетот во Тетово, реновиран и постојано одржуван токму за потребите на Универзитетот. Доколку има потреба, ние како Министерство, повторно ќе вложиме во тој простор, појасни Костадиновска-Стојчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.