Американската сојузна држава Мичиген го прогласи септември 2023 за месец на македонската култура.

Гувернерката на Мичиген Гречен Витмер изјави дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.

-Септември има значење за македонските Американци како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница, се вели во известувањето на гувернерката.

Во него се вели дека Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Викендов, во Детроит, се очекуваат активности и програми поврзани со македонската култура, а ќе се одржи и 49. национален црковен собир во организација на Македонската православна црква-Охридска архиепископија

Оваа прокламација е на барање од Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

-ОМД активно работи секоја држава и град каде има Македонци да прогласи месец на македонско наследство. Ваквата иницијатива почна од 2020 година и ќе продолжи во иднина, рече коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Мето Колоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.