В сабота, на 20 април во 20 часот во Драмски театар Скопје на сцената „Ристо Стефановски“ премиерно ќе биде прикажана претставата „Хеда Габлер“ работена по текст на Хенрик Ибзен во режија на Васил Христов.

Адаптацијата ја направија Христов и драматургот Викторија Рангелова – Петровска, директорка на Драмски театар. Сценограф на претставата е Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост, вели режисерот Христов.

 

Актерската екипа на „Хеда Габлер“ со режисерот Васил Христов и директорката на Драмски театар Викторија Рангелова – Петровска

Во претставата играат: Сања Арсовска (Хеда Габлер Тесман), Зоран Љутков (Судијата Брак), Владимир Петровиќ (Јерген Тесман), Дениз Абдула (Ејлерт Левборг) и Сара Климоска (Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман).

Отсекогаш посакував да ги играм Хеда Габлер и Медеја, еве ми се исполни за Хеда, за Медеја веројатно ќе треба да почекам уште малку. Особено ме радува што Хеда Габлер ми се случува во овој момент. За некои улоги е потребно да се има како актерска зрелост, така и животно искуство. Мислам дека нема подобар момент, кажа на денешната прес-конфренција актерката Сања Арсовска, која ја толкува насловната улога.

фото: Драмски театар

Според Арсовска, Хеда Габлер е тоа што би станала Нора на Ибзен, ако не го напушти домот.

Не би сакала за зборувам за улогата на жената во општестввото, туку за емотивната состојба на жената предизивикана од општествените стеги. Хеда Габлер ја идентификуваат како женскиот Хамлет со сите дилеми кои ги носи во себе. Направивме еден доста модерен, етстетски специфчен јазик, кажа Арсовска.

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело.

Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество, вели Христов.

Следната изведба на „Хеда Габлер“ на репертоарот на Драмски театар е на 26 април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.