Младите уметници, на возраст од 18 до 35 години, од целиот регион на Западен Балкан, вклучително и од Македонија, може да се пријават за учество во проектот „Нацртај ми ја иднината на Европа“ (Paint Me the Future of Europe). Со оваа иницијатива ќе се изработи мурал во Нови Сад, годинашната Европска престолнина на културата. Заинтересираните учесници можат да се пријавуваат на интернет-страницата futureofeurope.newmoment.comКонкурсот е отворен од 25 февруари, а ќе се затвори на 18 март.

Проектот е во организација на Делегацијата на Европската Унија во Србија, во соработка со „Њу момент – њу идеас компани“ од Белград и во партнерство со Советот за култура на Нови Сад и фондацијата „Нови Сад 2022“. Преку муралот и активната вклученост во културните активности во Нови Сад, избраните уметници ќе го демонстрираат својот креативен квалитет, нивната визија за заедничката иднина на европскиот континент, како и способноста да се осврнат на општествено значајни теми.

 Ќе бидат избрани осум уметници кои заедно ќе сликаат на ѕид на „Кејот на жртвите на рациите“ за време на нивниот престој во Нови Сад, од 18 април до 9 мај. Муралот официјално ќе биде промовиран во рамки на одбележувањето на Денот на Европа на 9 мај.

Сите пријави ќе бидат разгледани од жири предводено од Лазар Сакан, основачот и кустос на „Галеријата Њу Момент“, која што изминативе 12 години беше домаќин на неколку стотици значајни изложби и настани од областа на културата. Останатите членови на жирито се директорот на галеријата „Матица Српска“, д-р Тијана Палковљевиќ Бугарски, концептуалниот уметник Никола Џафо и двајца претставници од Делегацијата на Европската Унија во Србија.

Македонските уметници кои што сакаат да учествуваат во проектот Paint Me the Future of Europe треба да пополнат формулар за пријавување, да поднесат кратка биографија, своето уметничко портфолио, како и скица од нивната визија на темата, на интернет-страницата futureofeurope.newmoment.com. На истиот вебсајт тие ќе можат да се информираат за деталите поврзани со пријавувањето на иницијативата, како и за настаните за подготовка и за изработка на муралот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.