Македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ донираше дело на МСУ – Скопје, соопштија од музејот.

Диптих фотографија, 100 x 65 cm (x2) со наслов „Морски статуи“, 2015 е дело, кое ги проблематизира национал(ните)истичките идентитетски политики што се „инклузивни” за едните, а секогаш „ексклузивни” за другите и ја парализираат сета политика што ја разобличува светоста на етничкиот принцип на општествена мобилизација. Идејата за оваа фотографија произлезе од проблематичните скулптури вклучени во скандалозниот мегапроект Скопје 2014, кој вклучуваше ре-креирање на идентитетот и имаше за цел, не само да ги трансформира главните урбани места во градот, туку исто така имаше намера да избрише бројни згради и урбани пејсажи од колективната меморија на луѓето. Македонец и Албанец, наизменично јаваат еден врз друг, притоа алудирајќи на статуа на воин на коњ и мавтаат со знаме со цитат од хрватскиот филозоф Борис Буден – Национализмот е политички инструмент. Суштината на национализмот, не е дека луѓето се националисти и немаат ништо подобро од тоа да се мразат едни со други. Фикцијата на тоа е всушност политички проект.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.

Реализирал повеќе самостојни и групни изложби во државата и странство.

Добитник е на повеќе награди: Денес за млад уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност за 2013.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.