Македонскиот народен театар в четврток, на 12 мај во 13,30 часот на големата сцена ќе одржи отворена комеморација во чест на големиот Ристо Стефановски, на кој сите пријатели, познаници и почитувачи ќе му оддадат почит, соопшија од Националниот театар.
Стефановски беше театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар и директор на Драмски театар Скопје од основањето во 1957 до 1983 година, цели 26 години. Тој почина на 94 години на 22 март годинава.
Драмски театар објави дека нема да прави комеморација за Стефановски и актерките Сабина Ајрула и Мајда Тушар, туку ќе им се заблагодари за сè она што му го дале на театарот на 28 април, четврток, кога ќе го прослави 76. роденден на Драмски.
Игор Стефановски, внук на Ристо и син на Горан, на Фејсбук објави дека нема да присуствуваат на настанот оти сметаат дека „комеморација за Ристо Стефановски не само што треба, туку мора да има“.
Друга причина е што веруваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци. Лесна им земја на сите – легенди“, вели Игор и највува дека наскоро сепак ќе има комеморација и дека „на неа ќе биде јасно зошто токму тој заслужува такво нешто… бидејќи, да бидеме реални, ќе имаше ли историја на македонскиот театар без него и дали толку прецизно ќе беше документирана?.
Стефановски е роден во 1928 година, во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Одиграл 14 улоги: од Поцко во „Чорбаџи Теодос“ (1945), преку Зија во „Гоце“ (1951), Тренко во „Македонска крвава свадба“ (1953), Офицер во „Отело“ (1954), Френсис Нерс во „Вештерките од Салем“ (1955), Петров во „Оклопниот воз 14-69“ (1957), до Иван Петрович Восмибратов во „Шума “ (1959).
Стефановски во аналите на Македонскиот народен театар ќе остане засекогаш не само како актер, но и како човек кој го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмски театар – Скопје, во период од 26 години. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите кои се однесуваат на театарот и кои сведочат за годините наназат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.