Во киносалата на Културно-информативниот центар на град Загреб, во програмата „Млади и одважни“ вечер ќе бидат прикажани пет кратки филмови од пет млади македонски филмски автори во селекција на филмската критичарка Гена Теодосиевска.

Хрватската публика ќе има можност да ги види филмовите „Северен пол“ на Марија Апчевска, „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Ќе се вратат децата“ на Ана Јакимска, „Малина“ на Анастасија Лазарова Пилинг и „Зелени ѕидови, црна храна“ на Сандра Ѓорѓиева.

Организатор е Културниот центар на Република Македонија во Загреб.

Во избраните, четири играни и еден документарен филм, младите авторки одважно и храбро се зафаќаат да третираат деликатни социјални и културни превирања кои мапираат промени во реакциите кај публиката. Со освежени режисерски концепти, овие филмови заслужено беа присутни на голем број меѓународни филмски фестивали, соопшти организаторот.

По проекцијата присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања во присуство на селекторката Теодосиевска и режисерките Ана Јакимска и Сандра Ѓорѓиева.

Настанот е поддржан од Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.