По спектаклите во струшкото село Збажди и пред Националната опера и балет во Скопје, в недела на 25 септември на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип и в понеделник на 26 септември на платото пред Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 19 часот, македонскиот пијанист со светски глас Симон Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“, што го издаде британската „Лин Рекордс“. Концертите се бесплатни.
Светската премиера на „Македонисимо“ се случи пред пет години на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија.
Проектот што по идеја на Трпчески на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, ја изведува уникатниот тим на Македонисимо квинетот во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
„Македонисимо“ досега е изведен во Словенија, Полска, Франција, Велика Британија, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора, Јужна Кореја и Канада, Швајцарија.
„‘Македонисимо‘ ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2 март во култната сала Музикферајн во Виена.
Со оваа домашна турнеја се одбележува и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.
Концертите се организираат со поддршка од Општина Штип и Општина Битола.
Фото: КултурОп
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.