Филип Јовановски, визуелен уметник, Ивана Васева, кураторка и Биљана Тануровска – Ќулавковски, истражувачка, кураторка и продуцентка, учествуваат на изложбата Уметноста на работа На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста која ќе се отвори денес, 22-ти септември 2022 и ќе биде поставена до 29-ти јануари 2023 во Музеј на современа уметност Метелкова (+МСУМ) Љубљана.

Тимот на реномирани интернационални куратори, Зденка Бадовинац, Бојана Пишкур, Игор Шпањол и Ана Мизерит селектираа уметници, активисти и колективи како дел од изложбата „Уметноста на работа“, која разгледува три различни сегменти од генеалогијата на концептот на (уметничка) работа во регионот на поранешна Југославија: прво, начинот на кој работата беше замислена од авангардните уметници од 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите; потоа, трансформациите на концептот на уметничка работа и уметнички простори во 1990-тите; и на крај, политичките уметнички практики поврзани со трудот од 2000 година.

На изложбата учествуваат повеќе од 50 уметници, уметнички колективи и здруженија од регионот на поранешна Југославија. Многу од презентираните дела се од колекциите на Модерна галерија, повеќето од меѓународната колекција Arteast 2000+.

Филип Јовановски ќе се претстави со неговото дело/видео портрет „Ударник на трудот“ (2011- 2022) додека Биљана –Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева ќе се претстават со перформативното предавање „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ (2016).

Дел од авторскиот концепт за делото „Ударник на трудот”.

Делото/видео портрет „Ударник на трудот (2011 – 2022) им оддава почит на денешните текстилни, чевлaрски, кожарски, градежни, железничарски работници како и на вон-институционалните културни работници и повикува на еднаквост и солидарност. Неговиот фокус е ситуацијата во која се наоѓаат самите работници – обесправни, угнетени и маргинализирани , како и потребата од заедница и меѓусебна поддршка, на ниво на размена на знаења и освестување на нивната позиција во рамките на поделбата или распределбата на трудот. Ова дело на некој начин е крик на/до работниците да се борат за своите права и нуди симболичен „простор“ за давање глас на сите оние кои се угнетувани или лишени од сопствените права во постојните политички, социјални и економски рамки. Овој проект e резултат на неколку долгорочни уметнички зафати на Филип Јовановски и Ивана Васева како што се: „КУЦ Текстил“ во Штип, „Текстил и тага“ (Битола, Белград, Тирана), „Силата на спартакистите или Моќта на љубовта“ (Скопје), „Три лесни парчиња: предлог за опера во три чина“ (Битола), „Не зјапајте толку романтично“ (Птуј, Берлин, Скопје, Њујорк, Риека).
Дел од авторскиот концепт за делото „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“

Недостигот од основни услови за работа и работнички права на хонорарните работници во уметноста и културата, создава кревка, нестабилна или несигурна средина за работа. Освен тоа, непостоечката граница помеѓу приватно и професионално време, постојаната преокупација со професионални ангажмани или мултитаскинг хонорарна работа за која никогаш нема доволно време, создава профил на уметнички професионалец кој работи постојано и во обем, но и без соодветни финансиски, економски, здравствени, пензиски надоместоци и професионализирани работни услови.
„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ е дисекција на животите на двe културни работнички од различни генерации кои работат во вон-институционалната сцена во Македонија, која е кондензирана во форма на предавање – изведба, изработена од двете кураторки, и драматуршки развиена заедно со драматургот Рок Вевар од Словенија.
Оваа презентација е последна фаза од истражувањето што го спроведоа кураторките и беше дел од иницијативата „Работните права на културните работници – позиција на културните работници во независната културна сцена во Македонија“, која беше активна во 2016 година и имаше за цел да го преиспита терминот „културен работник“ – слободен уметник и културен професионалец од позиција на учесници на независната културна сцена. Во иницијативата се работеше на (ре)дефинирање на рамката на критериумите во „Правилата за утврдување на критериумите, начините, и процедури за обезбедување поволни услови и надоместоци од средствата на државниот буџет на слободните уметници“, како и на „Законот за култура“ преку кои се утврдуваа работничките права на слободните културни работници. Подоцна прерасна во иницијатива „Културата е насловна страница на секое општество“ во 2019 година која имаше за цел систематски развој и подобрување на општата состојба на уметноста и културата во државата.
Васева и Тануровска-Ќулавковски претходно соработувале на повеќе проекти, меѓу кои и перформативната игра „Како да се направи фестивал со 100 евра и со 1 милион евра? која досега е изведена во Скопје, Битола, Љубљана, Букурешт, Виена, Софија. Со овој проект тие ја продлабочуваат соработката во истражувањето, креирањето и изведувањето на нови формати на презентации и предавања на конкретни теми од областа на уметноста и културата.
————-

Филип Јовановски е визуелен уметник кој има изразен интердисциплинарен пристап. Тој создава долгорочни општествено ангажирани уметнички проекти, кои се базираат на истражување и често пати во соработка со различни заедници. Во своите проекти, тој се обидува да ги разоткрие скриените механизми на доминантните позиции на моќ, кои водат кон уништувањето на јавниот простор и јавното воопшто, притоа деконструирајќи ги и поттикнувајќи различни алтернативи на капиталистикото живеење. Неговите дела се трансформации на политички и општествени категории во просторни слики. Често за своите дела користи јавен простор или го креира како и неконвенционални и алтернативни изложбени простори. Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година ја доби престижната награда „Златна Трига“. Тој е еден од авторите на македонскиот павилјон насловен „Ослободување на просторот“ кој се претстави на Венециското биенале за архитектура во 2018 година. Јовановски има направено околу 30 сценографии за театарски претстави, видео и документарни проекти и е добитник на неколку награди како што се: Наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2010, коавтор), Посебна награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (2015, коавтор), добитник на наградата Млад ликовен уметник ДЕНЕС (2013), наградата „Ладислав Баришиќ“ од АИКА – Македонија за истражувачки проект (2015, коавтор) итн.
Од 2007 година, тој е уметнички директор на АКТО фестивалот за современи уметности и учествува во раководењето на организацијата за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.

Ивана Васева е кураторкa и програмскa директоркa на организацијата „Факултет за работи што не се научат (ФРУ)“ и е ко-куратор на АКТО фестивалот за современи уметности. Како кураторка, таа соработува и со други заедници надвор од уметноста, развивајќи изложби, но и простори на ко-креација, разговор, критичко преиспитување и политичко артикулирање на проблемите. Добитничка е на Златна Трига за најдобра изложба на PQ19 (куратор на проектот), двапати ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ на AICA – Македонија (коавтор) и Специјална награда за архитектура (ко-учесник). Васева специјализираше курирање во Центарот за уметност Де Апел во Амстердам.

Биљана Тануровска Ќулавковски е истражувач, куратор и продуцент, ко-основач на мрежи, платформи и простори, меѓу кои НОМАД Танц академија (НДА) и Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура во Скопје (2015-2020). Нејзини последни ко-кураторски и истражувачки проекти се на изложбата „РЕАЛИЗИРАЈТЕ! СПРОТИСТАВЕТЕ СЕ! РЕАГИРАЈТЕ!- Перформанс и политика во 1990-те во пост-југословенскиот контекст“ во МСУМ, Љубљана и „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“ на Скопје Прајд Викенд. Моментално работи на развој на „Архив за танц и перформанс на Балканот“ како дел од проектот (Не)врзани движења на НДА; таа е ко-директор на курсот за „Кураторски практики во контекст“ на Универзитетот за уметности во Стокхолм и ко-ментор на програмата „Критичка пракса“ (made in YU). Дипломирала историја на уметност и археологија, во Скопје, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во 2019 год. за својот докторски труд ја добива наградата на ENCATC, а, во 2021 година, ја добива наградата на AICA Македонија „Ладислав Баришиќ“ за истражувањето „Политичките перформанси како проширено поле во Македонија во 90-тите“
————————————–

Учесници на изложбата:
Nika Autor & Newsreel Front, Дамир Авдиќ, Милијана Бабиќ, Јоже Барши, Марко Брецељ, Даница Дакиќ, Валтер Де Марија, Горан Ѓорѓевиќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, Шејма Фере, Ѓерѓ Галантаи, Горубац ИР, Горгона, Христина Иваноска, Санела Јахиќ, Филип Јовановски, Дорунтина Кастрати, Божена Кончиќ Бадурина и Дуга Мавринац, Андреја Кулунчиќ, КУРС (Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ), Синиша Лабровиќ, Ирена Лагатор Пејовиќ, Небојша Миликиќ и Јелена Мијиќ, Neue Slowenische Kunst (NSK), Нови тенденции, ОХО, Марика и Марко Погачник, Даринка Поп-Митиќ, Зоран Поповиќ, Урош Поточник, Колективот за радикално образование, Рена Редл и Владан Јеремиќ, Младен Стилиновиќ, Семејството Шемпас, Небојша Шериќ –Шоба, Шкарт и Хоркешкарт, Биљана Тануровска –Ќулавковски и Ивана Васева, Раша Тодосијевиќ, Славен Тољ, Горан Трбуљак, ТВ галерија, Дебатната програма УЛУС, Виа Негатива, За К.Р.У.Х., Социјален форум Зрењанин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.