Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на археолошкиот локалитет Градиште – Билазора кој се наоѓа кај селото Кнежје, Светиниколско, истакна дека еден од најголемите и најзначајни раноантички градови во внатрешноста на Балканот има големо културно и научно значење и неискористен потенцијал за развивање културен туризам и затоа во наредниот период Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка за „Билазора“ да го добие местото што го заслужува.

– Археолошкиот локалитет „Билазора“ е еден од неколкуте најзначајни бисери на македонската археолошка мапа, затоа сакам да потсетам дека од 2008 до 2017 година овде се вршеа континуирани арехолошки истражувања, кои извесен период беа во категоријата капитални проекти како што прилега на еден локалитет каков што е „Билазора“, најголемиот град на Пајонците, еден од најстарите и најразвиени балкански народи – потенцираше Љутков, најавувајќи дека овие многу значајни истражувања ќе бидат довршени со поддршка од Министерството за култура и туризам, со што овој локалитет со огромни културни, научни и туристички потенцијали конечно ќе се стави во вистинска функција.

– Со реализирањето на последната фаза од истражувањата на кралската палата со  конзервацијата на откриените архитектонски остатоци на локалитетот ќе се отворат вратите за целосно афирмирање на „Билазора“  како еден од најзначајните археолошки, културни и туристички пунктови од раната антика на Балканот –  истакна министерот Љутков.

За време на посетата, министерот Љутков се сретна со директорот на Музејот на Свети Николе, Александар Нацев, со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, како и проф.д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје и проф. д-р Драги Митревски, раководител на стручната екипа што ги реализира археолошките истражувања на овој локалитет, со кои се договори да ги разгледаат сите можности и сериозно да се обрне внимание на промоција на културното наследство на „Билазора“ во туристички цели.

При посетата беше потенцирано дека во наредниот период ќе се работи на заживување и збогатување на локалитетот со придружни културни, едукативни и комерцијални содржини, со цел поквалитетна промоција на културното наследство и поттикнување одржлив економски развој преку организирање театарски, филмски и литературни фестивали, ликовни колонии и концерти.

Од буџетот на Министерството за култура и туризам во 2024 година за локалитетот „Билазора“ се издвоени 844 000 денари. Годинашните систематски археолошки истражувања на „Билазора“, за кои се обезбедени се 304 000 денари, ќе се реализираат во септември, а во тек е непосредната заштита на пронајдените археолошки предмети, за што се издвоени 240 000 денари.

Во Музејот на Свети Николе веќе е изложена постојана археолошка поставка посветена на „Билазора“ каде што може да се видат сите движни наоди откриени на локалитетот и да се добијат сите информации за неговото значење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.